Седлоски: Поразот е моја одговорност

Македонската фудбалска репрезентација синоќа доживеа пораз од Турција со 4:0 на пријателскиот натпревар одигран во Истанбул. Избраниците на Гоце Седлоски не успеаја да му се спротивстават на квалитетниот противник, кој рутински стигна до победата.

–  Му честитам на противникот за заслужената победа. Турција е одлична селекција со голем број квалитетни фудбалери. Поразот е моја одговорност, бидејќи јас ги носам одлуките и го составувам тимот. На сите играчи им дадов можност да настапат и од ваквите средби мора да извлечеме поуки. Свесни сме дека веќе четири натпревари не сме постигнале гол и работиме на подобрување на тој сегмент.

Игравме против исклучително силни противници и секоја наша грешка беше казнета. Токму затоа мора внимателно да анализираме што не беше добро и да не дозволиме истите пропусти да ни се повторуваат. Создаваме нов тим и за дел од фудбалерите ова е ново искуство, изјави селекторот Гоце Седлоски на прес конференцијата по дуелот.

Следниот голем тест за Македонија ќе биде настапот во Лига Б од Лигата на нациите, а нашата репрезентација е во група со Швајцарија, Шкотска и Словенија. 

МИА

Најчитани вести