„Поново“ е последната песна на Аки Рахимовски и кај нас ексклузивно ќе се емитува во 15 часот на националното радио Метрополис Радио Мрежа, на радио Бубамара, Скај радио, Супер радио од Охрид, како и на две интернет-радио станици – Анторис радио и радио Мост.
Croatia Records и „Парни ваљак“ во спомен на Аки ја покренаа иницијативата преку која, на посебен начин, се простуваат од неповторливиот пејач. Повеќе од 150 регионални радио-станици во исто време ќе го емитуваат синглот и на тој начин ќе испратат последен поздрав до музичкиот великан.
Синглот „Поново“, авторско дело на Хусеин Хасанефендиќ Хус, требаше да претставува најава за новиот албум на Парни ваљак, и за нивната скорешна голема турнеја…
– Најзначајниот рок бенд на нашите простори со песната „Поново“ се збогува со човекот чиј живот беше музиката, кој со својата неуништлива енергија стана синоним за врвен фронтмен и пример за генерации. Аки наеднаш не напушти, но неговиот дух и глас ќе останат засекогаш впишани во сите нас кои пораснавме со „Парни ваљак“, се заљубивме, се смеевме и плачевме, се вели во заедничкото соопштение на Кроација рекордс и на „Парни ваљак“.
Вчера, на Градскиот плоштад во Скопје, пред „Пелистер“, на Аки му беше оддадена почит со отворање Книга на жалост, пуштање песни од Парни ваљак, положување цвеќе и палење свеќи.
Аки Рахимовски преку четири децении беше пејач на „Парни ваљак“. Почина на 22 јануари 2022 година. Зад себе остави хитови со кои раснеа и се уште растат многу генерации.
МИА
]]>


