СЗО предупреди дека војната би можела да доведе до влошување на жариштето на ебола во ДР Конго

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на „катастрофален судир на болест и конфликт“ во регионот засегнат од ебола во источниот дел на Демократична Република Конго, при што шефот на организацијата, Тедрос Аданом Гебрејесус, повика на итен прекин на огнот, пренесе ДПА.

– Не можеме да изградиме доверба во заедницата или да ги изолираме болните додека паѓаат бомби – напиша Тедрос во објава на X.

Тој ги повика завојуваните страни, владините трупи и бунтовничкото движење М23, да се договорат за итен прекин на огнот со цел жариштето да биде ставено под контрола.

Бидејќи нема вакцина или специфично лекување за овој сој на ебола, синџирот на инфекции може да биде прекинат само доколку заразените добијат третман според највисоките безбедносни стандарди, а контактите поминат три недели во изолација.

Меѓутоа, како последица на постојаните борби, луѓето често се принудени да ги напуштат своите домови, па оние кои имале контакт со инфицирани лица не можат да се држат настрана од останатите во преполните бегалски кампови.

– Повикуваме да се даде приоритет на преживувањето на луѓето пред сè друго – напиша Тедрос.

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести