Вчера попладне се случила трагедија во бугарскиот град Пловдив, објавија бугарските медиуми. Како што информираа, седумгодишно дете со службениот пиштол го застрелало својот татко – полицаец. За случајот е поведена истражна постапка и дисциплинска постапка.
Според „БТВ“, застреланиот е 49-годишниот Николај Филипов, инструктор по стрелање во Специјализираните полициски сили (СПС) во Пловдив. Тој бил еден од најискусните и најобучени полицајци.
Инцидентот се случил во делот за одмор на полицајците после работа во секторот, кој се наоѓа веднаш до базата.
Детето го пронашле колегите на полицаецот во ходникот.
За инцидентот, Министерот за внатрешни работи на Бугарија, Калин Стојанов, побара оставка од началникот на полицијата во Пловдив, Георги Чергов.
Тој од своја страна изјави дека е подготвен да преземе одговорност.
Чергов пријавил дека вчера попладне бил известен дека 49-годишниот полицаец од Полициската служба во Пловдив, Николај Филипов, бил застрелан од неговиот 7 -годишен син.
„Во предворјето, каде што се наоѓаат и шкафчињата за личните работи на вработените, го забележале детето на нивниот колега како држи пиштол во рацете, стапиле во контакт со него, мирно го одзеле пиштолот, го неутрализирале и ја известиле управата, а на лице место била пронајдена и прострелна рана на колегата, која довела до смртоносен крај“ ,– појаснил Чергов.
Сопругата на починатиот, која е истражен полицаец, веќе е сослушана, како и детето кое пукало.
Починатиот бил во зградата на полицијата заедно со двете деца и сопругата. Не е јасно што правеле децата таму.


