По цели 80 години на 26 јули годинава, Бигорската обител, монасите и монахињите, служеа Света Литургија во манастирот во Долни Дримкол.
Откако организираа работна акција за чистење на остатоците од некогашниот Дримколски манастир, тие ја служеа и првата Света Литургија, а видеото е објавено на нивиот канал на платформата Јутјуб.
„Светиот Архангел Гавриил кој многупати се јавувал во историјата, секогаш носејќи блага вест од Бога, и денес ни донесе благовест и благодат, да се израдуваме на заживувањето на неговиот некогаш славен Манастир.
Имено, во негова чест е изграден древниот Долнодримколски Манастир, за чиешто оживување, по желбата и молитвите на нашиот почитуван архипастир, Митрополитот г. Тимотеј, нашите монашки заедници, на чело со возљубениот ни Старец, Епископот г. Партениј, со особена љубов и жртва се посветија за негово заживување. Имено, денес, по цели осумдесет години запустеност, манастирот на Светиот Архангел Гавриил во Долни Дримкол заживеа со Света и Божествена Литургија, на која чиноначалствуваше нашиот Преосветениот Антаниски. Нему му сослужуваа браќата архимандрити, јеромонаси и јероѓакони од Бигорски и на нашата голема радост и благоговејните свештеници: о. Ристе Наумоски од Враништа, о. Миле Ангелковски од Дебар, о. Павел Крцоски од Охрид, како и почитуваниот протоѓакон на нашиот драг Митрополит, г. Николче Ѓурѓиноски“, објавија од Бигорскиот манастир.
„Нека ова свето место, кое повторно оживува, биде наше прибежиште и извор на духовна сила. Нека ни служи како потсетник дека, со Божја милост, секоја разрушена душа може повторно да се обнови и секое срце, со вера и покајание, може да се наполни со Божествена светлина“, порачаа од Бигорскиот манастир во објавата.
„Денеска навистина станува голема радост на небото и на земјата и ние со сето срце можеме да го исповедаме тоа, бидејќи го чувствуваме длабоко во своите души. Оваа голема светиња, посветена на Соборот на Светиот Архангел Гавриил кој е секогаш најблиску до Бога, по цели 80 години, еве, повторно оживува.
Активностите за расчистување на теренот и реставрациските процеси започнаа во месец мај, но благата вест за неговото обновување ни беше најавена уште во 2001 година, од страна на нашиот многупочитуван Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Тоа се случи за време на возобновувањето на светиот манастир Рајчица, посветен на Свети Георгиј Победоносец, кој во тие тешки времиња ни донесе голема духовна победа. Имено, на осветувањето на Рајчица говореше Неговото Блаженство, нашиот најдраг Архиепископ г. г. Стефан, а на ручекот со свое слово се обрати и нашиот Високопреосвештен и свет Митрополит г. Тимотеј. Тогаш за прв пат чув дека овој манастир се наоѓа токму овде и истовремено ја осетив големата желба на нашиот владика за негова обнова, бидејќи, како што самиот рече: „Овој Манастир недостасува во бисерот на светињите во западна Македонија“. Но како што вели мудриот Соломон: „Има време кога се руши и има време кога се гради, време кога камења се собираат“. Се чини дека дојде времето и оваа Светиња полека-полека да започне повторно да свети и да живее“, рече Епископ Антаниски г. Партениј, на празникот Собор на Свети Архангел Гавриил, во Долнодримколскиот Манастир во Манастирец.
Повеќе на линкот: Бигорски манастир


