Мерките и политиките во делот на енергетиката што ги презеде Владата и институциите што ги предводи СДСМ даваат реални и видливи резултати.
По успешното монтирање на трансформаторот на Блок 3 во РЕК Битола, за прв пат после долг временски период беа ставени во функција сите домашни расположливи енергетски капацитети, порача на прес-конференција, Дарио Николовски, член на ЦО на СДСМ.
Тоа придонесе, пред неколку денови, на 29 јануари, дневното производство од домашните енергетски капацитети изнесуваше 21.299 мегават часови, што е рекордно највисоко дневно производство во последните 10 години.
До пред само неколку години, јануари беше месец кога редовно увезувавме струја, а оваа година не само што ги задоволуваме сите потреби, туку имаме и извоз.
Во месец јануари вкупното домашно производство на електрична енергија изнесува 561.350 MWh електрична енергија.
Тоа е зголемување од речиси 30 отсто во споредба со истиот месец претходната година кога производството на електрична енергија изнесуваше 434.189 MWh.
Сето ова е во согласност со планот за 2023 година, со кој се предвидува зголемување на годишното производство на електрична енергија за 20% во однос на 2022 година.
Мерките и политиките даваат резултат и во делот на помошта на компаниите и буџетските корисници преку снабдување со електрична енергија со повластена цена.
Благодарение на оваа мерка, штипското јавно претпијатие Исар за месец декември доби пониска сметка за 1,4 милиони денари, а прилепски Водовод за 50 отсто пониска сметка за истиот месец, а значително пониски сметки за струја добија и сите останати корисиници опфатени со оваа мерка.
На 20-ти јануари заврши повикот на ЕСМ за пријавување на компании од прехранбена индустрија, основни и средни училишта и јавни комунални претпријатија за снабдување со струја по фиксна субвенционирана струја од 1-ви февруари.
Вкупно ново пријавени за оваа мерка се 41 субјект, од кои 21 компанија од прехранбената индустрија, 17 основни и средни училишта и 3 јавни комунални претпријатија.
80-тина основни и средни училишта се уште не се пријавени, за што ги охрабруваме тоа да го сторат што побрзо.
Почитувани,
Ова е грижа за граѓаните и енергетскиот сектор на дело.
Владата предводена од СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски продолжува со одговорен и ефикасен пристап во пронаоѓање нови решенија што ќе ја унапредат нашата енергетска независност и ќе обезбедат пониски трошоци за електрична енергија.
2023 е година на енергетска трансформација, рече Николовски.


