Владата ги „замрзна“ цените и стави ред, дел од маржите за овошјето и зеленчукот оделе и до 250 %

Во пресрет на двата најголеми верски празници, Велигден и Рамазан Бајрам, цените на основните прехрамбени продукти, вклучувајќи и некои видови на овошје и зеленчук се намалија.

Од денеска во трговијата на мало килограм свежи домати може да се продава најмногу за 70 денари за килограм, свежите краставици до 75 денари за килограм, килограм кромид до 60 денари, килограм карфиол до 70 денари, килограм свежи зелени пиперки до 90 денари, килограм грав до 75 денари, килограм леќа до 110 денари, килограм банани до 70 денари, килограм портокали до 55 денари, килограм мандарини до 60 денари и килограм лимони до 55 денари.

Сето ова е резултат на најновата одлука на Владата што ќе важи до крајот на месецот и се однесува на 11 видови овошје и зеленчук, откако претходно беа замрзнати цените на основните прехрамбени продукти, белиот леб и тестените, некои основни млечни производи, јајцата и оризот.

Министерот за економија Крешник Бектеши на прес конференција истакна дека за овошјето и зеленчукот во месец март, маржите оделе и до 250 проценти, што во услови на економска криза за дел од трговците имало прилично голема заработка.

„Согласно анализите од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како и Царинската управа утврдено е дека кај некои трговци за овошјето и зеленчукот утврдени се маржи кои за жал достигнувале во текот на март до 200 и 250%“, истакна Бектеши, додавајќи дека „замрзнатите“ цени се утврдени во разговор со сите производители на овошје и зеленчук и со сите трговци на овошје и зеленчук, и истите имаат кало, односно растур од 10%, и затоа за нив максималната дозволена маржа е до 40%, што значи дека тие пак имаат заработка и не се оштетени.

„Ги уверувам граѓаните дека согласно сите анализи, цените, посебно на прехранбените производи и енергенсите, целосно се стабилизирани и имаат надолен тренд, на намалување“, кажа министерот Бектеши.

Најчитани вести