Убиецот од Цетиње, Ацо Мартиновиќ, вечерва убил десет лица, меѓу кои и две деца на возраст од 10 и 13 години, објавија локалните медиуми.
„По вербална расправија меѓу Мартиновиќ и лицата со кои бил цел ден, дошло до инцидент меѓу него и друго лице. Тој отишол дома, зел оружје, се вратил на местото и го извршил делото. Потоа заминал. Засега се знае дека извршил убиства на три локации“, изјави в.д директорот на полициската управа Лазар Шќепановиќ.
Тој рече дека ова е втора трагедија што го погоди Цетиње во последните три години. Шќепановиќ потврди дека меѓу убиените има две деца, додека уште четири лица се повредени и се во животнозагрозувачка состојба. Во моментот се на операција и лекарите се борат за нивните животи.
Како што пишуваат црногорските медиуми, се се случило по конфликт и тепачка во кафаната „Велестово“, која се наоѓа во близина на спортскиот центар во Цетиње.
Мартиновиќ е вооружен и е во бегство, а полицијата трага по него и ја објави неговата фотографија.

Според досегашните информации, Ацо Мартиновиќ не е поврзан со ниту една организирана криминална група, но претходно бил познат како личност со афектно однесување и бил апсен за недозволено поседување оружје, пренесе РТЦГ.


