Во Косово денеска се одржуваат парламентарни избори, трети во изминатите 16 месеци, откако парламентарните партии не успеаја да постигнат договор за избор на нов претседател на државата, кој го избираат пратениците во парламентот.
Предвремените избори одразуваат долгорочна политичка и институционална криза во која движењето Самоопределување на премиерот Албин Курти се надева на уште една победа.
Нови предвремени избори беа распишани откако косовскиот парламент не успеа да избере нов претседател во уставниот рок по завршувањето на мандатот на претседателката Вјоса Османи.
Право на глас имаат 2.092.174 гласачи. Избирачките места се отвораат во 7 часот и затвораат во 19:00 часот.
На изборите учествуваат 21 политички субјект, со 902 кандидати за пратеници, од кои три коалиции, 17 политички партии и еден независен кандидат.
Изборите ќе се одржат во 949 избирачки центри, со вкупно 2.550 избирачки места, од кои 911 центри со 2.498 избирачки места за редовно гласање и 38 центри, по едно за секоја општина, со 52 избирачки места за условно гласање, објави Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово.
Во меѓувреме, изборниот процес во странство, покрај гласањето по пошта, вчера беше физички спроведен во 30 дипломатски мисии, од кои 17 амбасади и 13 конзулати, во 19 земји со вкупно 47 избирачки места.
Бројот на граѓани на Косово со право на глас во овој изборен процес е за 15.884 гласачи повеќе отколку на предвремените избори за Собранието на Косово, кои се одржаа на 28 декември 2025 година.
Според податоците од избирачкиот список, бројот на граѓани со право на глас на избирачките места во Косово е 1.959.962 гласачи, додека бројот на граѓани кои се регистрирани да гласаат надвор од Косово е 132.212 гласачи.
Аналитичарите повторно предвидуваат победа на партијата Самоопределување на Курти. Но, овој пат, Курти сепак ќе мора да постигне компромис со опозициски партии за да обезбеди двотретинско мнозинство потребно за избор на нов претседател.
На последните избори во декември, неговата партија освои 51,1 процент од гласовите, што е зголемување во споредба со 42 проценти во февруари 2025 година.
После тоа, таа не успеа да постигне договор со другите партии во врска со кандидат за претежно церемонијалната позиција претседател, што во април резултираше со распуштање на парламентот и распишување на уште едни предвремени избори.
МИА


