Од денес, заради високите дневни температури се воведува целосна забрана за движење во Паркот на прородата Езерани.
Од Општина Ресен информираат дека со цел да се спречат секакви можности за пожар на отворено, и како поука од минатогодишните пожари, се воведува целосна забрана за движење во Паркот на природата Езерани.
-Паркот на природата Езерани е едно од најзначајните заштитени подрачја во Преспанскиот регион. Со своите трски, влажни ливади и плитки води, тој претставува дом за стотици видови птици, риби, водоземци и растенија, од кои многу се ретки и заштитени. Секој спречен пожар значи зачувано живеалиште, зачуван биодиверзитет и посигурна иднина за Преспанското Езеро, посочуваат од Општина Ресен.
Како што е познато, северниот крајбрежен дел на Преспансото Езеро заедно со дел од блатните екосистеми во непосредна близина на брегот, вообичаено скратено нарекуван „Езерани“, според селото чиј атар зазема голем дел од подрачјето, е значајно подрачје во национални рамки, но исто така и во европски и светски контекст. Заради ваквите карактеристики и значење во меѓународни рамки, природниот парк Езерани во 1996 година е прогласен за Строг природен резерват, а целата територија административно припаѓа кон општината Ресен.
МИА


