(ВИДЕО)Забрчанец: Транспарентноста не носи гласови на избори, но испорачува европски стандарди и подобри услуги за граѓаните

Клучен институционален стандард, а не партиско средство за политички маркетинг – вака експертот за стратешки комуникации, Марјан Забрчанец, ја дефинираше транспарентноста во своето најново интервју за онлајн порталот 48часа.мк. Тој упатува порака до сите политички чинители, нагласувајќи дека отвореноста на институциите има многу повисока, државничка цел од едноставното собирање евтини поени кај гласачите.

Забрчанец во разговорот потсети на огромниот напредок што Македонија го забележа во периодот од 2017 до 2022 година, кога од последното место во регионот, државата се искачи на лидерската позиција по транспарентност и отвореност на институциите. Тој процес бараше кршење на сериозни отпори кај дел од администрацијата, но резултираше со отворање на сите владини заклучени фиоки и воведување на 30 задолжителни типови документи за јавно објавување на веб-страниците.

Сепак, анализирајќи ја ПР реалноста, Забрчанец дава сурова, но точна дефиниција за политичкиот ефект од овој процес.

Квалитет за граѓаните, а не изборен популизам
„Мора да бидеме реални и да кажеме дека транспарентноста не е изборна алатка која им носи гласови на партиите на избори. Транспарентноста е институционален стандард кој ги прави институциите подобри, а услугите за граѓаните поквалитетни“, дециден е Забрчанец во интервјуто за 48часа.мк.

Според него, модерната политичка комуникација денес покажува дека не постои победник на избори кој на некаков начин не користи комуникациски популизам. Самата транспарентност, доколку е изолирана, не е доволна за да ги запре дезинформациите и хибридните напади. За таа да има полн ефект, мора да оди во пакет со брза реакција на лагите, силно емитување на демократски вредности, соодветни медиумски ресурси и континуирана едукација на населението.

Забрчанец за 48часа.мк изрази сериозна загриженост што од 2024 година наваму, новата власт покажува целосна незаинтересираност за проактивна транспарентност. Тој посочи дека иако некои институции сè уште објавуваат одредени податоци по инерција и автоматизам од минатото, денес веќе не постои централна државна агенда за отворена влада. Со укинувањето на оваа агенда, новата власт директно удира врз стандардите на институциите, што во крајна линија резултира со полоши, понеточни и понеточни услуги за самите граѓани.

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести