Откако познатиот јутјубер Стефан Лазаров објави дека Зоки Фаци е болен од карцином и потребни му се финансиски средства за да е оперира во Турција, хуманите граѓани донираа и веќе процесот е при крај.
„Здраво луѓе, можам да ве известам и израдувам дека Зоки официјално ќе се лекува во Турција поради вашата помош! Во моментов ја чека понудата од болницата и колку ќе чини целиот процес за да знаеме на што сме. Можам да ви потврдам дека сме при самиот крај, но најбитно од се е дека веќе нема да се чека и за неколку дена тој оди во Истанбул. Да сте ми живи и здрави“, напиша Стефан на неговиот профил на социјалните мрежи.
Зоран Василевски, познат како Зоки Фаци, се соочува со сериозен здравствен предизвик, откако му беше дијагностициран агресивен канцер пред три години. Како што претходно објави Лазаров за неговата здравствена состојба, тој веќе неколку месеци се обидува да замине на операција, но операцијата постојано била одложувана.
„Зоки има 25cm тумор кој мора да се отстрани доколку сака да преживее. Веќе неколку месеци операцијата се одлага, а единствен начин да се оствари побрзо е тоа да биде во приватна болница во која трошоците се огромни. Зоки не сакаше да бара милост ниту некој да го жали, но лично не можам да седам со скрстени раце и да го гледам пријателот како умира.
Затоа мои добри луѓе , ве замолувам да се соединиме и да му помогнеме на човекот кој долго ве смее, да ја победи оваа битка и од понеделник да го пратиме на операција“, напиша Лазаров.
За донациите од хуманите граѓани се заблагодари и Василевски.
„На сите пријатели, роднини, луѓе коишто не ги познавам сакам да им кажам: ‘Фала’, затоа што поминувам низ некој тежок период.
Односно ова ќе биде моја трета операција. Сакам само да ве известам дека во Истанбул веќе ме чекаат, најавен сум во најголемата болница за канцер во Европа.
Јас секогаш сум бил искрен со вас, сакам да бидам искрен и со вас, и пред јавноста и пред Бога. Сакам само да ви кажам дека многу сум исплашен.
Ова ќе ми биде трета операција во Истанбул, ама јас ќе се потрудам да ја издржам и таа на нога.
Знаете, тешко е – ракот е многу тежок противник, ама јас се обидувам со добра мисла и со позитивна енергија да го победам…
Така што – држете ми среќа, наскоро купувам карта и одам за Истанбул“ – напиша Зоки во Инстаграм Стори.


