24-годишниот Д.С. од Виница загина во тешка сообраќајна несреќа штo се случи во близина на бензинската пумпа на улицата “Тодосија Паунов“ во Кочани. Страотниот судир помеѓу патничките возила “голф“ и “мерцедес“ ги вознемирил станарите од околните згради, а улицата беше целосно затворена за сообраќај повеќе од два часа, јавува ТВ 24.
На местото на несреќата беше повикана и екипа на ТППЕ – Кочани која помагаше во извлекувањето на лицата од возилата. Според официјалните информации од СВР, 24-годишникот од Виница го управувал “голфот“, додека зад воланот на “мерцедесот“ бил А.П. од Кочани.
– Веднаш е излезено на местото на несреќата и двајцата возачи со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Здравствен дом – Кочани, при што од страна на лекар кај возачот на патничкото возило “голф“, за жал, е констатирана смрт, додека кај возачот на возилото “мерцедес“ се констатирани телесни повреди и истиот е задржан на лекување во болницата, рече Гордана Панајотова, портпарол на СВР – Штип.
Очевидци на несреќата рекоа дека возилата се движеле со поголема брзина од пропишаната и судирот бил неизбежен, при што “голфот“ е целосно уништен, а “мерцедесот“ преку тротоарот завршил пред фабриката “Руен“. Овој дел од улицата “Тодосија Паунов“ е црна точка во Кочани каде најчесто поради пребрзо возење досега имаше голем број несреќи, од кои дел завршија со трагични последици.


