Еден од најтиражните бразилски весници објави денеска „отворено писмо до народот на Бразил“ од поранешниот американски разузнавач Едвард Сноуден, кој во замена за политички азил и нуди помош на оваа земја во истрагата за шпионирањето на САД на нејзина територија.
Тој во писмото наведува дека би можел легално да дава помош само ако добие азил.
– Подготвен сум да помогнам таму каде што е потребно и легално, но за жал американската Влада напорно работи на ограничување на мојата моќ тоа да го направам. Се додека земјата не ми даде постојан политички азил, властите во САД ќе продолжат со оневозможување на моите можности да зборувам, пишува Сноуден во писмото.
Сноуден моментно живее во Русија, која му одобри привремен азил од една година.
Тој во отвореното писмо и оддава признание на Владата на Бразил поради острите критики на сметка на американската програма за масовно електронско шпионирање ширум светот, вклучувајќи го и прислушувањето на мобилниот телефон на бразилската претседателка Дилма Русеф.
Поради американското шпионирање, Русеф во октомври ја откажа посетата на Вашингтон и заедно со Германија извршија притисок во ОН за усвојување симболична резолуција за проширување на правата на приватност на сите луѓе.
Бразилските сенатори побараа помош од Сноуден во врска со шпионирањето на Бразил од страна на американската Агенција за национална безбедност (НСА).


