Десничарската конзервативна претседателска кандидатка, Кеико Фуџимори, извојува тесна победа на претседателските избори во Перу, по долгото пребројување на гласовите, соопштија синоќа изборните власти во земјата, пренесе ДПА.
Фуџимори (51) доби 50,13 отсто од гласовите, објави изборната комисија во оваа јужноамериканска земја, на повеќе од три недели по вториот круг, што се одржа на 7 јуни.
Нејзиниот левичарски ривал Роберто Санчез освои 49,86 отсто, што значи дека само 49.641 гласа ги делеа двајцата кандидати.
Фуџимори на Икс напиша дека со „голема понизност, разумност и одговорност“ ќе го почека официјалното објавување на конечните резултати од страна на Националната изборна комисија (JNE) во наредните денови.
„Се приближуваме сè поблиску до започнување на пат на ред и надеж за сите Перуанци“, напиша таа, пренесува ДПА.
Нејзиниот противник претходно изјави дека нема да ги признае резултатите од изборите.
Фуџимори е ќерка на починатиот поранешен претседател на Перу, Алберто Фуџимори, кој беше осуден за кршење на човековите права.
Политичарката од конзервативната партија Фуерза Популар се кандидираше за претседателка по четврти пат. Таа вети жестока борба против организираниот криминал и планира да ја дерегулира економијата. Функцијата треба да ја преземе на 28 јули.
Политичката ситуација во земјата со околу 35 милиони жители долго време е обликувана од постојан конфликт меѓу Конгресот и владата. Конгресот може да ги отстрани претседателите од функцијата поради „морална неспособност“. Перу имаше осум претседатели во последните 10 години, потсетува ДПА.
МИА


