Белорускиот претседател Александар Лукашенко изненадува многумина со тоа што секаде со себе го носи и синот Коља (11). Последен пат го однел во Њујорк на Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации (ООН).
Коља е последен пат виден во јавност кога со својот татко во понеделникот позирал покрај Мишел и Барак Обама.
Но, не бил таму само во посета, туку присуствувал и на Генералното собрание.
Ова не е првпат Лукашенко да го носи својот син на некој важен настан. Коља често го следи на деловните состаноци.
Со својот татко беше присутен и на комеморација во Кина, по повод крајот на Втората светска војна на 2 септември, каде бил фотографиран покрај српскиот претседател Томислав Николиќ и неговата сопруга Драгица.
Според некои теории, Лукашенко го води секаде со себе за да биде подготвен да го наследи.
Но, за едно интервју за Би-би-си тој го негирал ова тврдење, велејќи дека неговиот син е премногу приврзан за него и дека не сака да заспие ако татко му не е таму.
Коља со својот татко бил и во посета на џамијата во Зајед, Абу Даби, во октомври 2014 година.
Иако на овие патувања учи многу работи кои не би ги научил на училиште, Лукашенко многу го критикуваат што син му отсуствува од училиште. Во септември оваа година пропуштил една седмица на училиште, па тоа негативно го прокоментирале на белоруската телевизиска станица „Белсат“.

Коља, што е прекар од Николај, е најмладиот од трите сина на претседателот. Во западните медиуми пишуваат дека тој е вонбрачно дете на Лукашенко и неговата докторка.
Но, без оглед на тоа која му е мајка, Коља годинава посети многу светски битни настани и запозна лидери на многу земји со само 11 години.






