Добро регулираниот пазар на игри на среќа носи прилив од 280 милиони евра во државната каса, овозможува 10.000 работни места, односно 70.000 индиректно вработени, а какви било лоши законски решенија значат само едно – гасење на индустријата што придонесува кон економската стабилност на државата, дури и во време на најголема криза, а цветање на црниот пазар, сивата економија, одлив на стотина милиони евра од земјата на странски интернет-страници за обложување, неможност за заштита на играчите и чувствителните групи, како што се малолетниците, на кои илегалното обложување ќе им биде на дофат на раце. Ваквото бесмислено сценарио би имало несогледливи последици врз економијата и општеството.
Почетокот на процесот на припрема на Законот за измената и дополнувањата на Законот за игрите на среќа, кој од 21 јануари е достапен на Единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР), го одвлекува вниманието на тоа што требаше одамна да биде регулирано (уредбата за онлајн-обложување), на она што се коси со сите европски закони – ограничување на работата на компаниите од оваа стопанска гранка со воведување уредба за задолжително растојание на деловните простории од образовните институции. Се споменуваат дури 500 метри?!
Во ниту една земја членка на Европската Унија не постојат вакви законски решенија, кои би имале катастрофални последици врз веќе кревката економија и криза поради пандемијата на коронавирусот. Вакви предлози се косат со секоја европска пракса, на приредувачите им се одзема правото на работа и остварување приход од регистрирани дејности на места во кои со години има вложувано огромна сума пари и стекнал доверба од клиентите. Се работи само за популистички обиди на одредени интересни групи под изговорот за заштита на населението од претерана изложеност на игрите на среќа да се воведат рестриктивни одредби.
Меѓутоа, истражувањата што се правени на оваа тема го говорат токму спротивното. Студија на Институтот за ментално здравје во Торонто, како и студија на Универзитетот Метрополитен во Манчестер и многу други, покажуваат на тоа дека не постои влијание на оддалеченоста на објектите врз порастот на учество на малолетниците во игрите на среќа. Резултатите од истражувањето покажале дека присутноста на местата за обложување и играњето игри на среќа не влијаат на развојот на самата патологија. Резултатите на тие истражувања преточени се дури и во законодавна пракса во повеќето земји, кои не познаваат ограничувања на оддалеченост, туку превенцијата се врши со целосна забрана за влез на малолетници и големи казни за прекршување.
Во постојниот Закон за игрите на среќа прашањето за забрана на учество на малолетници веќе е строго пропишано со членот во кој се вели: “лицата под 18 години не може да учествуваат во игрите на среќа“ и дополнително со став 3 од истиот член според кој: “на лицата помлади од 18 години не им е дозволен влез во казино, во простории во кои се организира томбола од затворен тип, во обложувачници и во автомат-клубови“.
Погледнете го целиот текст овде.
]]>


