Договорите од „Отворен Балкан“ со кои што се предвидува работници од Македонија, Србија и Албанија да конкурираат на пазарот на труд во сите три земји, не се ратификувани само во македонскиот парламент.
Во изјава за ЦИВИЛ Медиа претседателот на комисијата за надворешна политика Антонијо Милошоски вели дека се чека Собранието да закаже седница и да се стави на дневен ред гласањето за Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан.
-Овој договор беше изгласан уште пред Нова година на 24 седница на комисијата, сега зависи од Собранието кога ќе биде ставено на дневен ред, додава Милошоски.
Поради празниците Собранието ги нема закажано сите седници и оттаму за ЦИВИЛ Медиа велат дека од претседателот Талат Џафери зависи кога 84-тата седница ќе биде закажана.
Националниот координатор за „Отворен Балкан“ и регионална соработка, Марјан Забрчанец вели дека трите држави се целосно подготвени за да се укинат работните визи, предуслов е само договорите да бидат усвоени од Собранието.
-Имаше објективни причини и пречки зошто македонскиот парламент ги немаше изгласано ратификациите на договорите од Отворен Балкан, а ти во главно се сведуваа на блокадите од страна на опозицијата. Сепак, два од договорите, оние кои се однесуваат на отстранувањето на работните дозволи поминаа на комисијата за надворешни работи во Собранието, откако опозицијата се одважи да ја тргне блокадата, вели тој.
Според Забрчанец сега пречки нема, останува уште само еден чекор, а тоа е финално гласање на пленарна седница со што ќе се исполнат сите услови за отстранување на работните дозволи во бизнис секторот за граѓаните на Северна Македонија, Србија, Албанија.
-Сите апели се упатени кон Собранието, час поскоро да се најдат на дневен ред и пратениците да ги ратификуваат сите меѓународни договори кои произлегуваат од Отворен Балкан, со што ќе станат правосилни сите мерки и бенефити кои им помагаат на компаниите, на стопанските комори, на граѓаните. Ако опозицијата има минимум политичка прагма и осет за потребите на граѓаните, не смее да помисли да не ги поддржи ратификациите на законите. За ратификациите е доволно мнозинството од владејачките партии, но имајќи предвид дека Отворен Балкан има поддршка од речиси 80% од граѓаните на земјава и огромни мнозинства од граѓаните во двете соседни земји, ратификациите треба да добијат најмалку 2/3 поддршка во Собранието, вели Забрчанец.
Главната придобивка од отстранувањето на работните дозволи е обезбедувањето подобри услови на мобилност на пазарот на труд во регионот, односно меѓу трите држави. Поточно, се отстрануваат бирократските и административни процедури кои до сега го забавуваа тој процес.
Повеќе на линкот: Цивилмедиа.мк


