Киев во очите на конвојот на смртта: Општа мобилизиација, отпор, страв и неизвесност…

Руската армија вечерва ја погоди ТВ кулата во Киев, изјави советникот на министерот за внатрешни работи на Украина, Антон Херашченко, пренесува Ројтерс.

Според Херашченко, поради нападот ќе нема сигнал. Локалната телевизија „1 + 1“ најави дека се работи на враќање на изгубениот сигнал.

Претходно руското Министерство за одбрана упати предупредување до жителите на Киев дека се подготвуваат да погодат цели во главниот град на Украина и дека имаат 24 часа да ги напуштат места во близина на целите на акцијата.

Руската армија планираше буквално да го исчисти Киев за само неколку дена, ако не и часови. Барем така планираа. Сепак, шест дена по почетокот на инвазијата, главниот град на Украина продолжува да се спротивставува.

Многу жители на Киев останаа во својот град и покрај напредувањето на огромниот конвој со руски оклопни возила, тенкови и артилерија, пишува Би-Би-Си. Една жена од Киев, Олесија Сира, вели дека одлучила да остане во главниот град наместо да бега во странство.

„Сите велат: „Ќе ви помогнеме. Не грижете се. Имате каде да преноќите. Можете да дојдете со автомобил, со воз… „Но, сè може да ви се случи на пат“, вели таа.

„Слушнав дека некои луѓе се убиени додека се возеле од Киев до границата. Така што не можевме да ризикуваме. Ризикот е голем. Најбезбедно се чувствувам во мојата куќа или во блиското засолниште, наместо да патувам некаде каде што не знам ни каде ќе спијам“.

Олесија вели дека била охрабрена кога видела „колку силна е украинската армија и колку се обединети луѓето. Секој Украинец е подготвен да помогне на кој било начин… Затоа ми се чини дека како држава сме посилни од било кога“.

Приближувањето на долгиот конвој руски оклопни возила му даде сосема ново и застрашувачко значење на терминот „светот гледа“.

Луѓето ширум светот можат да се уверат дека овој конвој е на пат, дури има информации дека како се доближува до градот уште повеќе се зголемува.

А во градот – општа мобилизација. Се поставуваат барикади на главните патишта, граѓаните собираат залихи бидејќи којзнае кога повторно ќе одат во продавниците, вооружени цивили патролираат по населбите и со помош на полицијата фаќаат руски диверзанти…


Стравот на жителите се зголеми со објавите за тоа како поминале другите делови на Украина на кои Русите им се доближија, користејќи „средновековна тактика“: ги опкружува населбите и им го запираа протокот на храна, вода и основни продукти.

Кога започна оваа инвазија, само прашање на време беше кога руската армија со сите расположливи сили ќе се обиде да влезе во Киев.

Веќе е шестиот ден од инвазијата, а Украина и Киев се уште не се предаваат. Украинската армија добива оружје и опрема од Западот, но и помош од граѓаните кои се пријавуваат, земаат пушки и одат во првите линии на фронтот.

Овој конвој на смртта, дури и покрај тоа што се движи бавно, се приближува и се поблиску, исто како и експлозиите што се слушаат се погласно и погласно.

Експлозиите околу Киев се се поблиску и се погласни.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, во вторникот во видео порака предупреди дека е „непријателот е на периферијата на главниот град“ и додаде дека украинската армија е „подготвена да го брани Киев“.

„Нашите вооружени сили, силите за територијална одбрана, херојски се борат за нашата земја“, рече Кличко.

„На влезовите кон градот се поставени барикади и контролни пунктови. Ги молам сите да бидат мирни. Не излегувајте без потреба и останете во засолништата во случај на опасност“, додаде тој.

Огромен руски воен конвој долг речиси 65 километри – составен од оклопни возила, тенкови, артилерија и други логистички возила – веќе е стигнат до предградијата на главниот град на Украина, според сателитски снимки од „Maxar Technologies“.

Во претходната видео порака, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека одбраната на Киев е „главен приоритет на владата“.

„Киев е посебен. Ако го заштитиме Киев, ќе ја заштитиме и државата. Тој е срцето на нашата земја и мора да продолжи да чука“, рече Зеленски.

Повторувајќи ги зборовите на претседателот, Кличко рече дека руските сили сакаат да го „окупираат срцето на нашата земја“.

„Ќе се бориме и нема да се откажеме од Киев“, рече тој, пренесе Си-Ен-Ен.

]]>

Најнови вести

Најново од Свет, Ударни вести

Најчитани вести