Најголема трагедија е што претставниците на власта и работодавачите ја сфатија минималната плата како плата што мора да ја даваат, вели за „Слободен печат“ Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво. Синдикалците се прашуваат како е можно никој во државата да не е запознаен со овие факти, за кои тие со години алармираат и бараат конечна реакција од Обвинителството и од Финансиската полиција
На сметките на околу 9.000 работници во државава има плати пониски од минималната плата, што не само што не е хумано, туку е и кривично дело, откри Слободан Трендафилов, претседател на ССМ. Тој вели дека газдите успешно ги избегнуваат и глобите од 6.000 до 7.000 евра. Од друга страна, газдите ја „испочитувале“ минималната плата за 35 илјади работници.
Најголема трагедија е што претставниците на власта и работодавачите ја сфатија минималната плата како плата што мора да ја даваат, вели за „Слободен печат“ Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво.
Напротив, додава тој, таа е социјална категорија и не треба ни денар под законската сума да се исплаќа. Синдикалците се прашуваат како е можно никој во државата да не е запознаен со овие факти, за кои тие со години алармираат и бараат конечна реакција од Обвинителството и од Финансиската полиција.
– Овие фирми постојат, тие се на некој список, а со години прават кривично дело. Просто е неверојатно како некој толку долго се измолкнува и законот не го фаќа. Веќе одамна е јасно дека моралот сè помалку вирее во бизнисот, но да не се плашиш од кривичен прогон, укажува на фактот дека многу работи се изместени од корен. Каде се институциите? Кој им дозволува на газдите да уплаќаат 1 денар на сметка и тоа лесно да поминува – прашува Пешевски.
Од ССМ потсетуваат и дека давајќи плата во плик и не плаќајќи ги придонесите, газдите годишно го оштетуваат буџетот за повеќе од 200 милиони евра. Оваа состојба, според синдикалците, е резултат на дупка во Законот за плати, која произлегува од можноста придонесите на платите да се платат до 15-ти во месецот за претходниот месец, а платата за претходниот месец да може да се исплати до 25-ти во тековниот месец.
– Ова го користат работодавачите како можност воопшто да не исплатат плата, односно да го исплатат долгот кон државата на придонеси на минимална плата и да не исплатат плата на вработените. Во овој случај, доколку платата што треба да се исплати е повисока од минималната, губи и државата бидејќи се платени придонеси на пониска плата. Состојбата се провлекува со години, но државата не е заинтересирана да го реши проблемот бидејќи приходот од придонесите државата го собира и не ја интересира дали работникот ќе земе плата – брифираат синдикалците, кои бараат УЈП да ги следи и износите на прикажаните нето-плати и да има казни за фирмите што не се придржуваат кон обврската да им исплатат плати на вработените.
И Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ со години го вперува прстот во злоупотребите на системот за плати, коментирајќи дека тоа се случува затоа што законот, институциите и надлежните го дозволуваат тоа.
– Иако системот на УЈП не треба да дозволи исплати под минималната плата, во реалноста тоа се случува. Во приватниот сектор, особено во индустриите каде што главно работат жени, често има прекувремена работа, работа за време на празници и недела како неработен ден. Сепак, ова не се одразува во нивните исплатни листи, ниту пак се плаќа соодветно – укажува Ампева.
Минималната плата не смее да биде помала од 57 отсто од просечната
Минималната плата беше воведена во 2012 година со донесувањето на Законот за минимална плата и тогаш изнесуваше 8.050 денари и неа ја земале од 20.000 до 25.000 работници.
Кога минималната плата скокна на 18.000 денари, бројката скокна на 80.000 работници. Во март 2022 година беа донесени измени на Законот за минимална плата, со кои се воспостави нова методологија, според која висината на минималната плата се усогласува со 50 проценти од порастот на трошоците за живот и 50 проценти од порастот на просечната плата во изминатата година.
Според овој Закон, минималната плата нема да може да биде помала од 57 отсто од просечната плата во земјата. Истражувањата покажаа дека во Македонија до крајот на 2023 година веќе ќе има 600 илјади граѓани што ќе живеат во сиромаштија со 150 денари на ден, што е секој трет човек во државата, а таа бројка пред само неколку години била 360 илјади граѓани.
извор: slobodenpecat.mk


