Поранешната прва антикорупционерка, Татјана Димитровска, се враќа на старото работно место во Државниот завод за ревизија (ДЗР), потврдиле од институцијата за телевизија „Сител“.
Еден ден откако Собранието ѝ ја констатираше оставката таа поднела барање до ДЗР да се врати на позицијата помошник на главниот државен ревизор.
Првиот ревизор за „Сител“ потврдил дека го добил барањето.
Согласно решението од 5 февруари 2024, нејзиното работно место е во мирување и има право да се врати на истата позиција по престанокот на функцијата во Антикорупциска која ја извршуваше до вчера.
Судот нема изречено мерка со која на Димитровска ѝ се ограничува правото на работна ангажираност во Ревизија.
Димитровска поднесе оставка во петокот откако Обвинителството за гонење организиран криминал ја обвини за две кривични дела – оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име го положил тестот за сертификат за државна тајна.
Инаку, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата утре ќе распише јавен оглас за именување на нов претседател и член на ДКСК на местото на Димитровска.
извор: libertas.mk


