Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по седницата на Извршниот комитет на партијата го соопшти предлог составот на неговиот нов Владин кабинет по разговорите со коалициските партнери „Вреди“ и ЗНАМ за владина реконструкција.
Мицкоски соопшти дека нов министер за здравство ќе биде Сашо Клековски, досегашен директор на Фондот за здравствено осигурување, а на негово место ќе дојде Златко Перински, досегашниот министер за локална самоуправа. Предлог за нов министер за социјална политика, демографија и млади е Ѓоко Велковски досегашниот заемник-министер. Ова се два нови ресори со кои во иднина ќе раководат кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Нов министер за локална самоуправа ќе биде Иван Стоиљковиќ. Министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на стратегијата за инклузија на Ромите ќе биде Ерџан Демир. Нема да има вицепремиер за добро владеење и тој ресор ќе биде под ингеренции на Кабинетот на премиерот.
Министерка за образование и наука останува Весна Јаневска, за внатрешни работи Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за спорт Борко Ристовски, заменик претседател на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заменик претседател на Владата за политички систем Љупчо Димовски, министер за надворешни работи Тимчо Муцунски, министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочовска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, министер за дигитална трансформација останува Стефан Андоновски.
Владиното мнозинство ќе се зголеми за еден пратеник од Демократската партија на Турците, која ќе стане дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за што е постигната согласност. Партијата ќе добие министер без портфолио.
ЗНАМ попладнево објави дека тие го преземаат министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и дека нивен предлог за министер е досегашниот државен секретар во Министерството Борче Серафимовски. Горан Минчев останува да го раководи Министерството за јавна администрација.
„Вреди“ ги презема министерствата за правда, за култура и туризам, и за односи меѓу заедниците, а остаануваат и секторите животна средина, европски прашања и економија и труд.


