Албанија: Соопштени конечните резултати од парламентарните избори одржани на 11 мај

Заврши изборната сага во Албанија, откако денеска Регулаторната комисија ги објави конечните резултати од парламентарните избори, што во Албанија се одржаа на 11 мај.

– Откако вчера Централната изборна комисија и ги достави изборните резултати, регулаторната комисија денеска истите ги усвои со три гласови „за“ и два против, со што изборите се прогласени за завршени. Против беа членовите-претставници на опозицијата. Доцнењето е поради големиот број приговори и повторно пребројување на гласовите во повеќе изборни единици и оние од дијаспората, објави Топ чанел.

Според конечните резултати во новиот 140 член парламент Социјалистичката партија има 83 мандати, изборната коалиција „За величествена Албанија“, предводена од Демократската партија 50, Социјалдемократската партија 3, Партијата на можности два и по еден мандат Иницијативата „Албанија станува“ и Движењето „Заедно“.

Конститутивната седница на новиот 11-ти законодавен дом по падот на комунизмот, ќе се одржи на 10 септември.

Врз основа на деловникот за работа на законодавниот дом, првата седница ја отвора и ја води најстариот пратеник во парламентот.

Според податоците, најстариот пратеник во парламентот е лидерот на опозициските демократи, 81-годишниот Сали Бериша. Доколку тој одбие, тогаш следниот е друг демократ, Тритан Шеху (76) а ако и тој одбие тогаш на ред ќе биде социјалистот Васил Љајо (68), кој за првпат седнува на собраниско столче.

На првата седница по верификацијата на мандатите и полагањето заклетва, ќе биде избран претседател на парламентот. Кандидат за претседател може да предложат најмалку 15 пратеници, се избира без дебата и со тајно гласање со мнозинство гласови.

Според Топ чанел Предлог – составот на новата влада, пак, лидерот на Социјалистите, Еди Рама, кому ова му е четврт последователен мандат, ќе го соопшти на 11 септември. 

МИА

Најнови вести

Најново од Балкан

Најчитани вести