Тајмс: Косово ја прифати британската понуда, станува првата земја која отвора мигрантски кампови

Косово стана првата земја која ќе ги прифати одбиените баратели на азил во Британија како дел од планот за „центри за враќање на мигранти“ на британскиот премиер Кир Стармер, пренесува „Тајмс“.

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека неговата земја „сака да и помогне“ на Британија да се справи со нелегалната миграција, во замена за поголема поддршка во зајакнување на националната безбедност од заканите кои доаѓаат од Србија и Русија.

„Сметаме дека ова е наша пријателска и политичка обврска. Имаме ограничен капацитет, но сепак сакаме да помогнеме и во моментот има редовна комуникација помеѓу нашите државни претставници од министерството за внатрешни работи и адвокати за тоа како ова да се изведе непречено за заедничка корист“, изјави Курти.

Зборувајќи пред самитот на лидерите од Западен Балкан, организиран од Стармер во Лондон денес, Курти рече дека се водат разговори помеѓу претставници од Велика Британија и Косово. Иако темата за мигрантските кампови не е на официјалната агенда на самитот, Стармер се надева дека ќе се постигне напредок во разговорите со некои од земјите кои учествуваат.

Премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ изјави дека неговата земја би била отворена за преговори околу мигрантски кампови но само доколку Британија значително инвестира во нејзината инфраструктура.

„Да, дефинитивно би прифатил доколку инвестираат 10 милијарди евра во изградба на железници“, изјави Спајиќ.

Претседателството на Босна и Херцеговина изјави дека „нема намера, ниту желба да склучи било каков договор кој опфаќа прифаќање на одбиени баратели на азил“. Сличен став има и албанскиот премиер Еди Рама, кој го повтори својот став дека „кога станува збор за центрите, или како и да се нарекуваат, реков и ќе повторам: никогаш во Албанија“.

„Тајмс“ претходно откри дека Британија се обратила на Косово и Северна Македонија, како и неколку други држави надвор од Европа за можноста за отворање на мигрантски кампови. Северна Македонија не одговорила на барањето на „Тајмс“ за инвтервју.

Најнови вести

Најново од Балкан

Најчитани вести