Помошникот-директор на Клиниката за пулмологија на Универзитетскиот клинички центар на Србија, Спасоје Попевиќ, докторот задолжен за лекување на министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека состојбата на министерот, кој беше хоспитализиран поради воспаление на двата белодробни крила, е сè уште тешка и сериозна, но дека во овој момент нема влошување.
„Медицинскиот тим што се занимава со неговиот третман вложува огромни напори. Се бориме, пред сè, за подобрување. Она што можам да ви кажам сега е дека во овој момент нема влошување, но е прерано да се зборува за нешто понатаму“, изјави Попевиќ пред новинарите пред Клиничкиот центар, пренесува Бета.
Тој додаде дека третманот продолжува „според сите постулати на модерната медицина за интензивна нега“, како и дека јавноста ќе биде навремено информирана за состојбата на министерот.
Дачиќ, кој е и претседател на Социјалистичката партија на Србија, вчера беше примен во Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија во тешка состојба и беше ставен на вентилатор поради воспаление на двата белодробни крила.
Попевиќ доцна синоќа изјави дека лекарите се борат за животот на Дачиќ и дека следните 72 часа се клучни.


