Младиот хрватски пејач Јаков Јозиновиќ продолжува да бележи импресивни резултати на регионалната сцена, откако за само 20 минути ги распродаде билетите за деветтиот концерт во Сава центар во Белград.
Но, големиот интерес од публиката не застанува тука. Веднаш по распродадениот термин, Јозиновиќ најави и десетти концерт.
„Најавувам нов, рекорден, десетти Сава центар! Ви благодарам за сета љубов“, напиша пејачот на социјалните мрежи, откривајќи дека продажбата на билетите започнува на 4 април.
Интересот за неговите настапи е огромен – за последниот концерт, околу 9.000 луѓе чекале во виртуелен ред, обидувајќи се да обезбедат влезница. Билетите биле распродадени за рекордно кратко време.
Сава центар, со својата позната Сина сала и капацитет од околу 4.000 посетители, важи за една од најпрестижните концертни локации во регионот. Со деветте распродадени концерти, Јозиновиќ ќе настапи пред десетици илјади луѓе. Со овој успех, тој се израмни со резултатот што го постави Здравко Чолиќ во 1998 година, кога одржа девет последователни распродадени концерти. Апсолутниот рекорд во оваа сала сè уште го држи Лепа Брена со 17 концерти по ред.
Да потсетиме, Јаков Јозиновиќ ќе одржи концерт и во Скопје на 9 април, во СЦ „Јане Сандански“, во рамките на својата актуелна турнеја.
Извор – Слободен печат


