Радев вети дека административната реформа во Бугарија нема да донесе масовни отпуштања

Административната реформа во Бугарија има две јасни цели – зголемување на ефикасноста и кратење на трошоците, но притоа нема да има масовни отпуштања кои би довеле до губење на административниот капацитет и правни ризици, изјави премиерот Румен Радев на почетокот на денешната владина седница.

Како што пренесува БТА, Радев потенцираше дека нема да има кратења и преструктурирање пред да се изврши прелиминарен преглед на структурите и функциите. Тој додаде дека е потребна детална анализа за да се утврди кои надлежности се дуплираат и кои процеси можат да се автоматизираат и дигитализираат. За исполнување на овие цели ќе биде формиран Совет за административна реформа, со кој ќе претседава вицепремиерот Галаб Донев.

– Пристапот од кој ќе се раководиме вклучува спојување на агенции и дирекции со исти одговорности, трансформирање на одредени агенции во дирекции во рамки на ресорните министерства, укинување на непотребните меѓучекори, кратење на неисполнетите работни позиции, пензионирање без замена на кадарот, како и програми за доброволно напуштање – појасни Радев.

Тој заклучи дека критериумите за успех се јасни: намалување на бирократскиот товар за граѓаните и бизнисот, побрзи административни услуги, поголема транспарентност и оптимизација на јавните трошоци, со истовремено задржување на квалитетот на услугите.

МИА

Најнови вести

Најново од Балкан

Најчитани вести