Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ денеска, по повод апсењето петмина Срби во Грачаница, директори на српските здравствени и образовни институции, изјави дека Белград внимателно ја следи ситуацијата и оние што ги кршат човековите права во Косово можат да очекуваат реакција од обвинителството, судовите и полициските власти на Србија.
Ѓуриќ рече дека владата на Албин Курти, со притворањето на Срби вработени во српските институции, врши притисок пред новите вонредни избори за собранието, закажани за 7 јуни.
„Луѓето кои, во рамките на таканаречените косовски институции, учествуваат во масовни или значајни кршења на човековите права на немнозинското население или на човековите права на било кого во Косово и Метохија, треба да знаат дека државата Србија ги држи очите отворени, дека внимателно ја следиме ситуацијата и дека можат да очекуваат реакција од нашите обвинителства, судови и полициски власти, како што вчера зборуваше и министерот (Ивица) Дачиќ“, изјави Ѓуриќ за ТВ Прва.
За петмина Срби, директори на српски здравствени и образовни институции, кои беа уапсени вчера во Грачаница, е одредена мерка полициски притвор до 48 часа, потврди Небојша Боричиќ, адвокат на Бобан Петровиќ, директор на Електротехничкото училиште во Сушица, кој е меѓу уапсените.
Обвинителството во Приштина соопшти дека тие се уапсени под сомнение дека наводно сториле кривично дело „повреда на слободниот избор на гласачите“, по тврдењата на министерот за заедници и враќање во техничкиот мандат, Ненад Рашиќ, за наводни закани кон гласачите пред изборите на 7 јуни.
Рашиќ неодамна ја обвини Српска листа, најголемата српска партија во Косово, за наводен притисок врз членови на српската заедница, тврдејќи дека некои Срби вработени во институциите на Република Србија биле отпуштени поради, како што тврди Рашиќ, комуникација со неговата партија „За слобода, правда и опстанок“.
На претходните избори за собранието на 28 декември 2025 година, Партијата за слобода, правда и опстанок доби еден мандат од 10 загарантирани на претставниците на српскиот народ.
МИА


