Со силни безбедносни мерки, како во центарот на градот така и во околината на салата, со фан-зона за навивачите и љубителите на кошарката, Атина се подготвува за завршниот турнир на Евролигата што ќе се одржи од утре до недела, а учество обезбедија Валенсија, Реал Мадрид, Олимпијакос и Фенербахче – јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, по пауза од 19 години, е домаќин на фајналфорот, натпреварите ќе се одржат во реновираната олимписка спортска сала „Телеком центар“ во северниот дел на градот, а ја користи Панатинаикос за натпреварите на домашен терен и има капацитет да прими 18.000 гледачи.

За оние љубители на кошарката, кои не успеаја да обезбедат билет за натпреварите или едноставно сакаат да ја почувствуваат атмосферата, во срцето на Атина, пред палатата „Запио“, од вечерва па сè до недела вечер, ќе биде отворена фан-зоната со активности, настани, кошаркарски натпревари и сл.
Од рано утрово во тек се подготовките за отворањето закажано за 19 часот, се поставуваат штандови, теренот за кошарка е веќе подготвен, ќе работи од претпладне до доцна навечер во следните три дена, а влезот во зоната е бесплатен, но со задолжителна претходна онлајн-регистрација.

Грчката полиција максималниот капацитет го одреди на 1.500 лица, а паралелно ќе има зголемено полициско присуство и континуирани проверки на бројот на фанови за да се избегне неконтролиран број посетители.
Портпаролката на грчката полиција, Константина Димоглиду, и директорот на полицијата на областа Атика, Атанасиос Камбрас, претпладнево на прес-конференција информираа за безбедносните мерки што ќе се преземат во Атина во следните денови посочувајќи дека станува збор за настан од меѓународен размер, што бара зголемени мерки за безбедност и управување со голем број навивачи и посетители и затоа планот се заснова на превенција, раздвојување на навивачите, навремено информирање, брза реакција и координација меѓу сите надлежни служби.

– Сакаме јасно да нагласиме дека безбедното одржување е наш врвен приоритет. Спроведувањето на мерките ќе биде строго за сите и без исклучоци. Нема да има никаква толеранција за насилство, недолично однесување, предизвикување инциденти или обиди за нарушување на безбедносните мерки – истакна портпаролката на грчката полиција.
Посебен акцент е ставен на целосното раздвојување на навивачите според тимовите и затоа планирано е организирано движење преку однапред утврдени места, во конкретно време, по точно определени рути и под строга полициска придружба.
Навивачите на Олимпијакос и Фенербахче ќе се собираат на две метро-станици, а на Реал Мадрид и Валенсија пред античкиот олимписки стадион во центарот на Атина.

Процените на грчката полиција се дека ќе пристигнат 1.345 навивачи на Фенербахче, 893 на Валенсија, 794 на Реал Мадрид, а планот за навивачите на Олимпијакос, со оглед на тоа што тимот е од атинското предградие Пиреас, вклучува од 3.000 до 5.000 лица.
Паралелно, на голем број локации во градот ќе има зголемено полициско присуство, односно околу спортските објекти, местата каде што ќе се собираат навивачите, на станиците на јавниот превоз, како и на главните сообраќајници.
Дополнително, постои и забрана за собири и протести во центарот на Атина.

Полуфиналните натпревари се закажани за утре, првиот е шпанска пресметка меѓу Валенсија и Реал Мадрид, Олимпијакос и Фенербахче ќе играат во второто полуфинале, а финалето ќе се одигра в недела.
Грчки Олимпијакос, кој иако од Атина, натпреварите ќе ги игра на „гостински“ терен со оглед на тоа што фајналфорот ќе се игра во салата што ривалот Панатинаикос ја користи за натпреварите на домашен терен, а кој по поразот од Валенсија не обезбеди учество на завршниот турнир.

За организација на фајнлфорот во 2026 година се бореа Атина и Белград, а грчката метропола доби осум гласа „за“ наспроти три колку што доби српскиот главен град.
Фајналфорот на Евролигата четврти пат ќе се одржи во Грција откако во 1993 година домаќин беше салата „Мир и пријателство“ во Пиреа, во 2000 година се одржа во салата „Пилеја“ во Солун, а натпреварите во 2007 година беа во ОАКА во Атина, каде што Панатинаикос ја освои европската титула.
МИА


