Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта денеска попладне ќе престојува во посета на земјава, каде што ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски.
Од владината прес-служба информираат дека премиерот Мицкоски ќе оствари тет-а-тет средба со Кошта, по што ќе следи состанок помеѓу владината делегација и делегацијата предводена од претседателот на Европскиот совет. Мицкоски и Кошта потоа ќе одржат заедничка прес-конференција во Владата.
Претседателот на Европскиот совет од вчера е во посета на Западен Балкан, за да се сретне со лидерите од регионот и да биде ко-претседавач на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, Црна Гора на 5 јуни.
Претседателот Кошта ќе разговара за можностите и предизвиците околу проширувањето, постепената интеграција, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста.
-Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал: посветеноста на ЕУ кон регионот е реална; исто толку реална колку и можноста за проширување. Моментумот е тука. Сега е време да се испорачуваат резултати – изјави Кошта пред посетата на регионот.
Во Скопје тој ќе допатува од Тирана, каде ќе се сретне со тамошните лидери, а посетата ја започна вчера од Сараево.
Утре Кошта ќе се упати кон Приштина, додека в четврток тој ќе го посети Белград. Турнејата ќе ја заокружи со посета во Црна Гора.
На 5 јуни Кошта ќе биде ко-претседавач на самитот ЕУ-Западен Балкан, чија главна тема е „Заедничкиот просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“.
МИА


