Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека е неприфатлива економската принуда на Русија кон Ерменија.
– Разговарав со (премиерот на Ерменија) Никол Пашинијан за неодамнешните руски рестрикции кон Ерменија. Тоа не е ништо друго отколку економска принуда и тоа е неприфатливо, објави Лајен на платформата Икс.
Лајен истакна дека ЕУ цврсто стои зад Ерменија и вети прва финансиска помош за Ереван во висина од над 50 милиони евра.
Москва на крајот на мај објави дека воведува ограничувања за одреден увоз од Ерменија, особено за цвеќе.
ЕУ пред неколку дена ги осуди руските обиди за принуда и ја обвини Русија дека се обидува да влијае на парламентарните избори во Ерменија, што ќе се одржат на 7 јуни.
Кремљ најави и дека Ерменија би можела да ја изгуби „многу привлечната“ цена што ја плаќа за рускиот гас ако се откаже од интеграцијата со Русија и го продолжи процесот за членство во ЕУ.
Според анкетите фаворит е прозападната партија Граѓански договор на актуелниот премиер Пашинијан, додека поголемиот број од опозициски партии важат за проруски.
Ерменија, поранешна советска република, во 2015 година се приклучи на Евроазиската економска унија, доминирана од Русија. Но, Ерменија веќе две години покажува недоверба кон Москва, која е историски сојузник и снабдувач на оружје на Ереван. Русија сè уште има воена база на ерменска територија.
Ереван го обвинува Кремљ дека не ѝ даде доволна поддршка на Ерменија за време на вооружените конфликти во Нагорно-Карабах во 2020 и во 2023 година.
Ерменскиот парламент минатата година донесе закон што овозможува почеток на преговори за пристапување во ЕУ.
МИА


