Со цел поефикасна подготвеност и координација за справување со пожари на отворен простор во претстојната летна сезона, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, одржа два работни состанока со претставници на доброволни противпожарни друштва (ДПД) од земјава..
Како што соопшти ДЗС, на средбите бил ставен акцент на зајакнување на координацијата во системот за заштита и спасување, со цел поефикасно дејствување при гаснење шумски пожари и при други итни ситуации.
Се разговарало и за унапредување на улогата и капацитетите на доброволните противпожарни друштва, како и за нивно поактивно вклучување во активностите за справување со пожари во текот на летниот период. Дополнително, биле разгледани можностите за продлабочување на соработката меѓу ДЗС и ДПД преку организирање обуки, тренинзи, заеднички вежби и размена на искуства.
Од ДЗС посочуваат дека доброволните противпожарни друштва претставуваат важен сегмент во системот за заштита и спасување, имајќи ја предвид нивната подготвеност, искуство и посветеност во заштитата на граѓаните и имотот.
МИА


