Во 21 век информациите станаа поле на борба, дезинформациите се користат како оружје во геополитичките конфликти, а демократиите се исправени пред предизвикот да ја заштитат слободата на говор без да дозволат ширење штетни манипулации, оценува Фабрис Д’Алмеида, историчар, истражувач и професор по историја на медиумите и пропагандата во Францускиот институт за печат (ФИП) при Универзитетот Париз II Пантеон. Во интервју за МИА, раководителот на мастер-студиите „Медиуми и глобализација“ предупредува на моќта на визуелната пропаганда, потребата од развој на критичко мислење кај младите и апелира за итно спасување на македонската телевизиска и радиофонска архива како суштински дел од националната меморија.
Тој посочува дека клучната разлика меѓу 20. и 21. век е што денес информациските конфликти се перманентни и се водат паралелно и во демократските и авторитарните системи.
На прашање кој ги води денес кампањите за дезинформации, Д’Алмеида укажува на две полиња, односно на геополитичкиот конфликт и политичките или бизнис интереси, посочувајќи на авторитарни држави, но и на популистите, компаниите, како и на личните профили на социјалните мрежи.
Во однос на границата меѓу слободата на говорот и дезинформациите, Д’Алмеида нагласува дека демократските општества се соочуваат со сложен баланс.
– Мораме да делуваме затоа што има луѓе кои можат да бидат жртви на тие дезинформации, вели Д’Алмеида кој при тоа особено посочува на адолесцентите како поподложни на дезинформации.
Развојот на критичкото мислење кај младите, вели, е клучно во борбата против дезинформациите.
– Има две многу важни работи. Прво, забораваме нешто што е фундаментално, тоа е да веруваме во вистината, бидејќи реалноста постои. Не е сѐ релативно, има вистински работи, има важни работи, има извори кои се точни и кои што не се. Другата работа е тоа што имаме намера да го направиме во сите училишта на планетата. Тоа е да ги научиме децата да размислуваат, да имаат критичко мислење – вели Д’Алмеида.
Тој укажува дека визуелната пропаганда денес има значително поголемо влијание од текстуалната. Како клучен механизам во дезинформациите го издвојува создавањето перцепција за мнозинско мислење.

– Клучот е кредибилитетот, односно да изгледате веродостојно и да го насочите мислењето на луѓето на еден консензуален начин. Да се создаде впечаток дека тоа е мислење на мнозинството и да се повторува дека нешто е „мнозинство“, тогаш луѓето почнуваат да веруваат дека тоа е вистина – вели Д’Алмеида.
Во однос на влијанието на политичките лидери, тој оценува дека тоа е значително и може да биде и позитивно и негативно. Д’Алмеида во интервјуто апелира и за итна заштита на аудиовизуелните архиви во земјава.
– Во вашата национална меморија постои нешто што исчезнува, тоа е вашата телевизиска и радиофонска архива… Ако не се преземе акција, материјалите ќе пропаднат. Филмските ленти, 35-милиметарските бобини ќе бидат уништени. Тоа се случува сега. Тоа е вистинска информација и доказ за нашето постоење, доказ за историјата… Потребна е решителна акција, и тоа веднаш – нагласува Д’Алмеида.
Во прилог целосното интервју со професорот Фабрис Д’Алмеида за МИА:
Кои се разликите помеѓу 20. и 21. век кога се работи за креирањето и ширењето на лажни вести?
– Големата разлика е во тоа што полето на информациите стана поле на борба. Уште од почетокот на 21-ви век постои една посебна ситуација на конфликтност без отворена војна, но со агресии коишто се на полето на информацијата. Тоа е една голема разлика, и има и втора голема разлика. Во прилог на тие конфликти, одредени лидери во самите демократии и во авторитарните држави сметаат дека не треба повеќе да се држиме само до вистината. Поминавме во една нова ера во којашто нема вистина, освен силата. Сега е перманентно, тоа е големата промена од времето кога имавме тоталитарни режими или кога имавме состојба на војна.
Кој ги води практично денеска кампањите за дезинформации? Дали тие доаѓаат од политичките структури, дали доаѓаат од моќниците… или пак можеби од полето на приватниот сектор?
– Има две различни полиња, има геополитички конфликт, којшто добро го идентификувавте со држави коишто напаѓаат други држави на полето на информацијата. Највидливиот пример во Европа е Русија, којашто направи да циркулираат одредени лажни вести за да дестабилизира државници, како претседателот Макрон, или да ги зголеми тензиите во општеството за да не се обрнува внимание на други можеби поважни теми. На пример, во Франција во еден момент се зборуваше за болвите во душеците од креветите, кои што можат да ве гризнат и еден месец се зборуваше за тоа, а профилите кои го хранеа тој информативен „buzz“ што би се рекло, доаѓаа од профили од Санкт Петербург, токму за да не се зборува за она што го прави Русија во Украина. Потоа, тука се популистите. Ги има во демократиите и тие исто така даваат лажни информации. Понекогаш популист може да стане дури и претседател, и да дава лажни информации. И на крај, сосема сте во право, има неколку компании коишто, понекогаш, играат на дезинформации за да избегнат гонење или за да сокријат одредени пропусти. Има уште една последна категорија, односно луѓе се користат со ширење на дезинформации со цел да добијат повеќе кликови на социјални мрежи. За жал, се случува и тоа.
Каде е границата меѓу слободата на говор и ширењето говор на омраза, дезинформации и лажни вести, во време кога речиси секој денес има можност јавно да објавува содржини и информации?
– Дезинформацијата се храни од слободата на говор. Во демократијата да се дојде до тоа да се лимитира без да се скрши таа слобода на говор, да не се наштети. Мораме да делуваме затоа што има луѓе кои можат да бидат жртви на тие дезинформации. Кога на адолесцент ќе му кажете дека „самоубиството е една убава, прекрасна солуција“, дали треба да го оставиме тоа или треба да делуваме? Кога ќе му кажете на адолесцент дека одредени дроги имаат само позитивни страни како што е азотниот гас којшто предизвикува смеење, а во суштина тоа уништува одредени когнитивни елементи… Дали треба тоа да го оставиме или треба да делуваме? Секоја нација си ја наоѓа својата рамнотежа, но тешко е да не правите ништо доколку гледате дека некој се дави. Од тие причини ние делуваме и од тие причини се намалува таа слобода на говор. Не треба да заборавиме дека сме во држава каде што постои опасност, односно постои ризик.

Како младите генерации можат да развијат критичко мислење и да создадат механизми преку кои ќе препознаваат што е релевантна информација, а што дезинформација?
– Има две многу важни работи. Прво, забораваме нешто што е фундаментално – да веруваме во вистината, бидејќи реалноста постои, додека пак кога ги релативизираме работите тогаш сѐ е возможно. Не е сѐ релативно, има вистински работи, има важни работи, има извори кои се точни и кои што не се. Властите треба да се држат до реалноста и вистина, еден судија треба да суди врз база на докази, докажани докази. Се вели дека дигиталното е нешто релативно, но вашата држава направи Министерство за дигитална трансформација, што е интересно. Дигиталното не е само забава, тоа е и личната карта. Личната карта не е релативна. Таа е вистинита или лажна. Лицето постои или не. Ова е искуство кое што технологијата ни го овозможува да имаме уникатни, непроменливи документи. Ова е тука да ги потсети Македонците дека реалноста е присутна дури и во дигиталното. Не е сè релативно. Тоа е првата работа која што е суштинска. Другата работа е тоа што имаме намера да го направиме во сите училишта на планетата. Тоа е да ги научиме децата да размислуваат, да имаат критичко мислење, но за тоа е потребно да имаме внимание кон децата. Сакаме децата да бидат повеќе како нас, сакаме да се притискаат кон нешто, да им наметнуваат нешто на другите. Тоа е она што го правиме. Тоа не е забавно. Треба да знаеме дека понекогаш не може да ги користиме овие уреди и кога треба да се деконектираме. Тоа е суштинско. Затоа што користејќи ги уредите, дел од мозочната активност на некој начин повеќе не функционира. И не е случајно што многу големи американски професионалци од дигиталната сфера, ги запишуваат своите деца во училишта каде што нема можност за интернет, односно каде што се деконектирани. Тоа е добар пример. Во Кина, на пример, владата има однос кон ТикТок. Во Кина има експерти и за ТикТок. Тоа значи дека тие ги знаат ризиците за мозокот и за интелектуалната структура на децата. Тоа не значи да бидете конзервативни или реакционерни, туку тоа значи да бидете внимателни кон развојот на децата.
Има уште една многу важна работа што сакам да ја кажам. Во вашата национална меморија постои нешто што исчезнува – вашата телевизиска и радиофонска архива. Нема вистинска архива за тоа. Јас сум историчар и тоа е фундаментално. Тоа е историјата на либерализацијата, демократизацијата – тоа е вашата историја. Треба да се спасат аудиовизуелните архиви. Затоа зборувам за тоа со луѓето од Универзитетот Европа Прима, со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и со луѓето од Македонската радио-телевизија. Новинарите знаат колку е тоа важно. Ако не се преземе акција, материјалите ќе пропаднат – филмските ленти, 35-милиметарските бобини ќе бидат уништени. Тоа се случува сега. Тоа е вистинска информација и доказ за нашето постоење, доказ за историјата. Мислам дека луѓето ќе ја разберат важноста, а и политичарите треба да извршат притисок. Дигиталната трансформација треба да помогне, можеби и Министерството за дигитална трансформација. Потребна е решителна акција, и тоа веднаш.
Дали европските земји денес имаат ефикасни механизми и стратегии за справување со дезинформациите и нивното влијание врз општеството?
– Мислам дека има методи, но тоа се тешки методи. Се сеќавам дека една од мерките за кои се дискутираше во Франција беше забраната на мобилни телефони во училиштата пред 15 години. Зошто 15, а не 12 години? Ако сакаме да биде совршено, можеби треба да биде и повеќе, да не може да користат мобилен телефон до 21-22 години, од аспект на зреење на неуроналниот систем. Но, до 15 години е доволна мерка, меѓутоа сметам дека тоа е мерка што е тешко да се спроведе. Затоа што производителите сакаат да продолжат, родителите сакаат децата да продолжат да ги користат, а и самите деца ги користат. Кога професорот е пред учениците, тешко е постојано да им кажува да ги затворат телефоните. Тоа е комплицирано. Но ако постои правило, доколку е донесен закон, тогаш е полесно. Тоа може да биде една од мерките што треба да се спроведат, но не е лесно. Големите европски земји, како Германија, Франција и Англија, ги имаат истите проблеми. Македонците сакаат да имаат свои решенија во рамки на своето население. Исто како што Македонија беше една од првите земји поврзани со „фарми за лажни вести“. Ако зборуваме за ефикасноста на влијанијата на меѓународната сцена, тоа се однесува и на вас. Тоа значи дека овие прашања се поставуваат и кај вас.

Дали сметате дека во конкретниот случај станува збор за руско влијание и, пошироко, дали според Вас постојат руски влијанија на Балканот и во земјите од Западен Балкан кога станува збор за ширење дезинформации и лажни вести?
– Традиционално постоеше врска меѓу Русија и Балканот. Ако се навратиме на 20 век, дури и пред комунизмот, сојузите што Николај II ги создаде со балканските земји беа многу важни. Со Србија, со Македонија, со Југославија и со Хрватите кои што беа во австро-унгарското царство. Тоа е една стара врска. Има многу луѓе на Балканот кои чувствуваат блискост со Русија. Меѓутоа мислам дека има уште нешто друго важно, фактот дека Македонија е држава која што има создадено тесни врски со САД.
Колку визуелната пропаганда денес е помоќна и повлијателна од текстуалната пропаганда?
– Пропагандата преку визуелни содржини е многу посилна од пропагандата преку текст. „Верувам во тоа што го гледам“. Кога гледаме нешто, тоа многу повеќе мобилизира одредени делови во мозокот отколку текстот. Кога читаме, размислуваме поинаку, а кога гледаме, се активираат многу посилни механизми во мозокот. Сликата е важна во пропагандата и го трансформира имагинарното. Затоа политичките реклами имаат голем успех. Затоа кратките пропагандни видеа имаат силен ефект и продолжуваат да шират влијание.
Кои се најчестите механизми и техники што се користат во современите кампањи за дезинформации?
– Клучот е кредибилитетот – да изгледате веродостојно и да го насочите мислењето на луѓето на еден консензуален начин. Да се создаде впечаток дека тоа е мислење на мнозинството и да се повторува дека нешто е „мнозинство“, тогаш луѓето почнуваат да веруваат дека тоа е вистина … статистиката создава перцепција. Може да се дискутира како се прави попис и како се создаваат бројките, но кога ќе се појават официјални податоци, тогаш се гледа реалната состојба. Тука се менува перцепцијата за мнозинството и малцинството. Тоа беше дискурс што создаваше впечаток дека постои малцинство кое сака да доминира.
Колкаво е влијанието на политичките лидери врз креирањето на јавното мислење, кредибилитетот на институциите и медиумите, но и врз перцепцијата за слободата на говорот?
– Политичките лидери имаат секако огромно влијание. Тие влијаат врз кредибилитетот и довербата во медиумите и врз слободата на говорот. Тоа влијание може да биде позитивно, но и негативно. Прашањето што го поставувате во врска со судскиот систем е многу интересно, затоа што во поранешните комунистички држави проблемот доаѓа од минатото. Како да се рехабилитира институција што некогаш била инструмент на репресија и на лага и до крај не била прочистена можеби … Во Франција, во 1990-тите, имаше голема кампања за рехабилитација на судството, затоа што судовите отворија случаи против корумпирани политичари. Тоа им даде легитимитет, но по дваесет години политичарите повторно почнаа да ги напаѓаат судовите. Во вашата земја мислам дека постои дефицит на доверба, но голем дел од населението кога ќе се појави пред суд, сепак мисли дека ќе има правично судење. Процесот функционира.
МИА


