Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека израелската армија ќе ја продолжи окупацијата на „безбедносната зона“ во јужен Либан долж израелската граница „колку што е потребно“.
– Воспоставивме безбедносна зона во Либан и ќе ја задржиме сè додека е потребно за да го заштитиме нашиот народ, рече Нетанјаху на конференција во Ерусалим.
Лидерот на Хезболах, Наим Касем претходно изјави дека Израел нема да остане во Либан, додавајќи дека неговата група ќе одговори на какво било прекршување од страна на Израел.
И министерот за одбрана на Израел вчера изјави дека израелските сили можат да дејствуваат „без никакви ограничувања“ за да ги „отстранат заканите“ во Либан, потврдувајќи дека ќе останат во делот од територијата што ја зазедоа на југот од земјата, што Израел ја нарекува „безбедносна зона“.
„Никогаш немало и во моментов нема ограничувања што би ги спречиле војниците да дејствуваат за да ги елиминираат заканите во Либан“, рече израелскиот министер за одбрана, Израел Кац.
МИА


