Потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, во дебатата во емисијата „24 Анализа“, на ТВ24, нагласи дека најавената реконструкција на Владата не претставува суштинска промена, туку обид само козметички да се прикрие фактот дека по две години владеење резултатите изостануваат, и нема да донесе никаков напредок на државата. Тренчевска посочи дека наместо промена на политики и конкретни решенија за проблемите на граѓаните, јавноста повторно гледа замена на министри и функции, без гаранција дека тоа ќе донесе било каков позитивен импулс.
„Во последните две години има едно големо нула за сѐ, за целокупната состојба во државата, за сите ресори, дали е тоа економија, социјала, здравство, култура, спорт, било каде, една голема, голема нула. Не сметаме дека некаква шминка, промена на одредени имиња ќе даде некаков позитивен импулс и ќе се подобрат. Затоа што овие министри што ќе се сменат, и социјала, и култура, и спорт, па тие не работеа ниту пред една година и зошто се чекаше да поминат две години“, рече Тренчевска.
Во дебатата, Тренчевска посочи дека власта потфрли во она што е најважно за граѓаните и државата, економијата и животниот стандард, додавајќи дека економските показатели регистрираат падови кои власта се обидува да ги прикаже како успех, а кој граѓаните не го чувствуваат.
„Има пад на странски инвестиции од две третини, 76,1% на годишно ниво, има пад на вработени во индустрискиот сектор за 3%. Индустриското производство, ако земеме во овој квартал од 2026 година, кумулативно е зголемено за 0,2%. Во јануари 2026 минус, пад од 6,6%, така во февруари имате минус, пад од 4,2%, и во април имате 7,6%, и вие излегувате и се фалите. Растот на бруто-домашниот производ – кога ќе прашаме дали граѓаните живеат подобро со тоа што се фалите, ќе кажат не, затоа не го гледајте еднострано растот на БДП, гледајте кога се поставува прашањето дали граѓаните живеат подобро, а не живеат, тоа значи дека имаме нестабилна економија“, рече Тренчевска.
Таа додаде дека Владата на ВМРО нема стратегија за одржливи финансиски политики и грубо го крши Законот за буџети.
„Дефицитот е потрошен во мај за Буџетот за 2026 година и се задолжувате, и го зголемувате дефицитот со ребалансот, излегувате надвор од почитувањето на законската рамка. Оттука, реконструкцијата на Владата, дали промената ќе биде на дел, дали ќе биде цела Влада, нема да донесе ништо позитивно, ниту ќе ја раздвижи економијата, ниту пак ќе промени нешто во социјалната политика, спортот, културата“, рече Тренчевска.
СДСМ Центар за комуникации со јавноста


