Разврската за титулата на Светското фудбалско првенство почнува вечерва во 21 часот по средноевропско време во Далас кога во првата од двете полуфинални пресметки ќе се соочат Франција и Шпанија.
Актуелниот светски вицешампион Франција и европскиот првак Шпанија досега имаат одиграно само еден меѓусебен натпревар во историјата на мундијалските турнири кога во осминафиналето во 2006 година, Франција победи со 3-1.
Франција има две светски титули, а вечерва ќе се обиде да дојде до своето петто мундијалско финале.
Французите ја освојуваа светската титула во 1998, победувајќи го Бразил со 2-0 и во 2018 година кога ја совладаа Хрватска со 4-2.
Шпанија, пак, ја освои светската титула во своето досега единствено мундијалско финале во 2010 гофина кога ја совлада Холандија со 1-0 по продолженија.
Вториот патник во финалето ќе биде познат утревечер кога во истиот термин во Атланта ќе се соочат бранителот на титулата Аргентина и Англија.
Финалето ќе се одигра в недела на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси со почеток во 21 часот по средноевропско време.
МИА


