Организацијата за заштита на човековите права „Фонд на партнерство за социјална правда“ започна рекламна кампања во Вашингтон во поддршка на поранешниот соработник на американската Агенција за национална безбедност (НСА), Едвард Сноуден.
Организацијата соопшти дека ќе ја постави рекламата на градските автобуси, на која покрај фотографијата на 30-годишниот Сноуден ќе пишува: „Ние, народот, сме против шпионската држава и велиме: Ти благодариме Едвард Сноуден!“.
Според локалниот весник „Политико“, организаторите планираат да ги постават рекламите на автобускиот превоз уште следната недела.
– Вашингтонската елита може и да не патува со автобуси, но не може да не прочита што пишува на нив, наведува организацијата на својата интернет страница, каде се собираат средства за кампањата.
Сноуден во јавноста ја разоткри големата шпионска афера за тоа како американските власти ги прислушуваат телефонските разговори и вршат следење на интернет комуникацијата во светски рамки. Тој моментно живее во Русија со дозвола за привремен престој. Властите во САД го сметаат за предавник и бараат тој да биде вратен во татковината за да му се суди.


