Брзиот пораст на цените на врвните вина од Бургундија, на кој сме сведоци во последните неколку години, се чини дека е незапирлив тренд и покрај винската криза во Европа и падот на продажбата на вината од другите историски региони. Зголемената побарувачка за вина од Бургундија почна да води кон нелегални практики, јавуваат француските медиуми.
Некои винари од Бургундија, поточно од Шабли и Монтраше, наместо вина од нивните ознаки (правно определена и заштитена географска ознака), ги наполниле шишињата со македонска смедеревка.
Како што покажала истрагата што заеднички ја воделе локалните органи за спроведување на законот во соработка со Европол, мрежата на фалсификатори на вина, кои увезувале вина од Балканот, броела најмалку седум лица. Според обвинителството, тие купиле готово вино од винарската визба „Газда Ѓоко“ од Мрзенци, дополнително го одлежувале во буриња за да развијат специфичен француски карактер, а потоа го пласирале како „шардоне“ под етикетите на познатите бургундиски винарии.

Францускиот енолог Теле Репомаш, кој работи за една од винариите чии сопственици се обвинети за фалсификување на Бургундија со заштитено географско потекло, застанал во одбрана на својот работодавец и воедно дал голем комплимент за вината од Македонија.
– Едноставно, немаме доволно вино и никој не се занимава со тој проблем! Дека смедеревката од Македонија може да биде одлична алтернатива сфативме кога ја пробавме во локално балканско бистро на пат кон Грција. Па, тоа е феноменално, имаат многу камења во тероарот, соленоста и минералноста се неверојатни. Како можеш да одолееш, особено по таа цена? – прашува Репомаш.
Енологот додава дека останал шокиран кога видел дека Балканците ги пијат овие вина измешани со газирана вода и како што рече, со некаква плескавица на скара на јаглен.
Според француските медиуми, сопственикот на винаријата во Македонија, според сите докази, бил целосно несвесен за крајната цел на неговите вина.
– Да, се шокирав кога слушнав дека нашата смедеревка се продава за повеќе од 250 евра по шише. Па, ние го продадовме тоа вино за 50 центи! – искрено вели Ѓоко Трпески, сопственик на винаријата во центарот на овој голем скандал, кој на неочекуван начин ги поврза винарите од Франција и Македонија., пишува српски Курир.


