Француското Министерство за внатрешни работи неколку дена било мета на хакерски напад, при што се компромитирани електронските пошти на вработените, но хакерите имале и пристап до чувствителните полициски досиеја.
Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез потврди дека Министерството било цел на хакери. Тој истакна дека хакерите успеале да пристапат до „одредени професионални е-поштенски сандачиња“ и на тој начин добиле пристапни кодови. Тоа им овозможило да видат голем број важни полициски бази на податоци, вклучувајќи го Системот за обработка на кривични евиденции и Регистарот на барани лица.
– Сè уште не го знаеме опсегот на компромитација. До денеска можеби се отстранети неколку десетици датотеки од системот, истакна Нуњез.
Тој додаде дека не е познато дали информациите до кои дошле хакерите би можеле да ги компромитираат истрагите или не.
Според него одговорни за хакерскиот упад се вработени кои не ги почитувале безбедносните процедури.
МИА


