Политиката ја оставам на политичарите, имаме многу цврсти докази да ги добиеме на суд големите случаи како „Онкологија“, Пулс“ и „Крмзов“, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за весникот Вечер.
-Не можев да ја следам целата дискусија во парламентот, овде во обвинителството имаме многу работа, особено по откривање на големите случаи каде што моравме да ангажираме и по неколкумина обвинители. Политиката ја оставам на политичарите и ќе употребам еден тежок збор, а тоа е пркос, пркос кон предметите за кои во моментов ве уверувам дека имаме многу цврсти докази да ги добиеме на суд : „Онкологија“ случај за кој и лично чувствувам обврска да го докажеме, потоа случајот со струмичкиот бизнисмен Крмзов, докажуваме криминал тежок 90 милиони евра, потоа убиствата причинети од криминалните пресметки и секако случајот за кој се обврзав пред семејствата дека ќе има правна завршница, а тоа е пожарот во дискотеката „Пулс“. Ние како обвинителство обезбедивме илјада докази за два ипол месеци срочени во обвинение за сторено кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, сега зависи од судот за колку време случајот ќе има судска разрешница, изјави Коцевски во интревју за „Вечер.прес“ еден ден по интерпелацијата која помина во Парламентот, на прашањето дали ќе си поднесете оставка.
Прашан дали Обвинителството има индиции за изнесените сомневања од страна на министерот за внатрешни работи дека зад пожарите стојат организирани структури, и за обвинувањата од страна на ДЗС дека станува збор за подметнати шумски пожари, и оти речиси и да нема казнивост за шумските пожари, Коцевски вели дека не се согласува со ваквата констатација.
На прашањето како да се убедат граѓаните дека Обвинителството води сериозна борба против организираниот криминал и корупција кога главните осомничени во последните милионски кражби се во бегство, Коцевски уверува
-Од позиција на прв човек на Јавното обвинителство, одговорно тврдам дека граѓаните во Обвинителството имаат сојузник во борбата против сите кривични дела, а особено против организираниот криминал и корупцијата. Ниту едно од лицата што ги наведувате како „бегалци на правдата“ не е во бегство поради одговорност на Јавното обвинителство. Напротив, напредокот во нашата борба против овие сериозни облици на криминал е нотиран и во последниот извештај на Европската комисија за владеење на правото во нашата земја. Таму се истакнува Упатството за давање приоритет на предметите од областа на корупцијата кое го донесов и е задолжително за сите јавни обвинители, како и функционалноста на четирите истражни центри во обвинителствата во Скопје, Тетово, Куманово и ОЈОГОКК, кои сега работат со полн капацитет, наведува Коцевски. Според него, и Европската комисија веќе препознала сериозен исчекор во борбата што Обвинителството ја води со корупцијата и покрај недоволните ресурси кои му се ставаат на располагање за таа намена.
Во коментар на Хрватскиот закон за ЈО кој најстрого забранува притисок врз обвинителите од лица од позиција на моќ на друга власт, Коцевски вели дека лично не дозволува никој да врши притсок врз него, а и колегите ги охрабрува да се отпорни и да го пријават секој обид за влијание. Но, тој, при тоа наведува дека искористувањето на медиумите и на јавноста воопшто за политички притисок врз правосудството не е исклучено и кај нас.
-Потенцирањето на оние фамозни 2% доверба во правосудството за кои никој не знае како се утврдени е токму со таква цел. Иако, ете на пример, во тек е нова анкета на Светската банка во која прелиминарните резултати веќе покажуваат многу поинакви бројки и која се надевам дека наскоро ќе биде и јавно презентирана. Моќта на медиумите и на социјалните мрежи за притисок врз правосудството не е занемарлива, а тоа веќе започнува да го користи и одбраната во дел од предметите, па обвинетите ангажираат и цели ПР-тимови за да се обидат да прикажат поинаква слика од реалната што се случува во судница и со тоа да влијаат на судската одлука. Затоа, од тој аспект, хрватското законско решение ми се чини логично, смета државниот обвинител Коцевски.
МИА


