Крвав Бајрам во Скопје – семејна расправија зеде четири жртви

Крвав Бајрам во скопско Глумово. Жител на селото утринава во 10 часот извршил тројно убиство по што си го одзел животот. Убиствениот поход го почнал во селото Глумово каде ја застрелал првата жртва. Другите две жртви ги застрелал во куќа во населбата Ѓорче Петров на улица која води кон влезот на селото Кондово. Откако ги лишил од живот трите жртви, убиецот со иницијали Ш.С. се вратил во селото Глумово. Набрзо во неговиот дом пристигнале екипите на специјалната единица Алфи, но тој наместо да се предаде си го одземал животот. Неофицијално и убиецот и убиените биле во блиска роднинска врска, а мотивот да посегне по животите на најблиските роднини бил нерасчистени имотно правни односи.

Претпладнево улицата Панајот Гиновски во Ѓорче Петров беше блокирана за сообраќај. Увид вршеа екипи на крим -техника. Жителите на Кондово, кој секојдневно минуваат оттука за да одат кон своите домови, сега застануваа да видат што се случило. На местото на убиството пристигна и комбе од погребалното претпријатие за да ги земе телата на починатите.

Од Основното јавно обвинителство – Скопје информираат дека во тек е увид во куќа во населбата Ѓорче Петров, каде што претпладнево биле пронајдени телата на две починати лица. Увидни екипи има и во селото Глумово каде започнал и завршил крвавиот настан.

Според првичните информации, двата настани се поврзани, а сите починати лица биле во крвно сродство. Исто така, првичните сознанија на истрагата укажуваат дека меѓу починатите лица е и едно за кое постои сомнение дека ги лишило од живот останатите, пред да си го одземе животот, велат од Обвинителството.

Од Обвинителството информираат дека во настаните повредено било уште едно лице. Тоа е хоспитализирано и врз него била извршена хируршка интервенција.

Јавен обвинител издаде наредби за прибирање на материјални докази кои подоцна ќе бидат испратени на вештачење. Телата на починатите лица ќе бидат предадени на обдукција.

Алфа Телевизија

Најнови вести

Најново од Ударни вести, Хроника

Најчитани вести