Над 14 500 кандидати за полагање на матурата, денеска изборен екстерен испит – странски јазик, математика или историја

Повеќе од 14 500 матуранти се пријавени за полагање на матурата и денеска ќе го имаат првиот екстерен испит, кој е изборен за кандидатите.  Задолжителниот екстерен испит (мајчин јазик и литература) матурантите ќе го полагаат на 11 односно на 12 јуни. Во согласност со измените на Законот за средното образование, оваа година првпат се полагаат три типа матурски испит според видот на образование – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.

Тие што ќе полагаат државна матура, денеска ќе бидат тестирани по странски јазик (англиски, француски, германски, руски или италијански) или математика, за пријавените за стручна матура изборот е англиски јазик или математика, а кандидатите за уметничка матура ќе полагаат англиски јазик или историја.  

Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), кој го организира и спроведува матурскиот испит, од вкупно пријавени 14 587 ученици за полагање на матурата, 12 184 се пријавиле да полагаат државна матура, 2276 ученици за државна стручна матура и 127 се пријавени за државна уметничка матура. 

За секој испит (предмет) од типовите матура се изработени посебни испитни програми врз основа на кои се изготвени испитните прашања. Од ДИЦ посочуваат дека овие испитни програми се темелат на наставните програми по кои учениците следеле настава во текот на нивното четиригодишно образование.

Гимназијалците полагаат само државна матура и се пријавени 5713 кандидати. Државна матура, исто така, може да полагаат и учениците од стручните и од уметничките училишта, кои избираат помеѓу државна матура и стручна односно уметничка матура. Па така, според податоците на ДИЦ, од 8629 кандиудати за матура од средните стручни училишта – 6353 се пријавени за државна матура, а 2276 за државна стручна матура. Од 245 кандидати од  уметничките училишта, пак, 118 се пријавени за државна матура и 127 за уметничка државна матура.

Во 9 часот денеска почнува полагањето на изборниот екстерен предмет. Кандидатите кои избрале државна матура ќе полагаат тест по странски јазик (англиски, француски, германски, руски или италијански) или математика. Кандидатите кои ќе полагаат државна стручна матура ќе имаат тест по англиски или по математика, а за државна уметничка матура изборот е помеѓу англиски јазик и историја. 

Од ДИЦ за МИА информираа дека за тестот по англиски јазик се пријавени вкупно 13 208 кандидати, од кои 11 017 се ученици пријавени за државна матура, 2107 за стручна и 84 за уметничка матура. 

За тестот по математика има 1173 пријавени – 1017 кандидати кои полагаат државна матура и 156 за државна стручна матура, а за историја има 38 кандидати – ученици кои полагаат државна уметничка матура.

Другите четири странски јазици се опција само за учениците кои полагаат државна матура. За француски јазик се пријавени 20, за германски 52, за руски јазик седуммина и двајца за италијански јазик.

Задолжителниот екстерен испит – мајчин јазик (македонски, албански, турски или српски) и литература го полагаат сите ученици – оние што се пријавени за државна матура испитот ќе го полагаат на 11 јуни од 9 часот, а кандидатите за државна стручна и за државна уметничка матура ќе го полагаат на 12 јуни од 9 часот.

Македонски јазик и литература годинава ќе полааат вкупно 9810 ученици: 7809 од нив се пријавени за државна матура; 1875 за државна стручна и 126 за државна уметничка матура.

За албански јазик и литература се пријавени 4199 кандидати: 3834 од пријавените се за државна матура; 364 за стручна и еден кандидат за државна уметничка матура. 

Турски јазик и литература ќе полагаат 360 средношколци – 359 се кандидати за државна матура и еден за стручна матура. За српски јазик и литература има пет кандидати и сите се пријавени за државна матура. 

За полагањето на испитите ќе бидат ангажирани околу 2500 тестатори и околу 200 набљудувачи.

Во просториите каде што ќе се полагаат испитите е забрането користење мобилни телефони и други електронски уреди. Како и минатата година, за училиштата кои немаат соодветни просторни услови екстерните испити ќе се полагаат во амфитеатрите на факултетите. 

– Оваа година е поголем бројот на училишта кои се обратија до Државниот испитен центар за помош при изнаоѓање просторни услови на факултетите, додека останатите училишта, кои располагаат со соодветни услови, ќе полагаат во спортските сали, холовите и аулите во своите училишта, изјави за МИА Даниела Јовчевска-Михајловска, директорка на ДИЦ. 

Министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на ДИЦ, Јовчевска—Михајловска, денеска ќе го посетат Економскиот факултет на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што матура ќе полагаат учениците од СУГС „Васил Антевски – Дрен“. 

МИА

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести