На Јутјуб каналот „Обнова на режимот“ се објавени два нови разговори кои се именувани како „Јанушев ќе ги убијам“ и „Партиски списоци на ДПМНЕ за Телеком“.
Првиот разговор трае 1 минута и 19 секунди и во него Јанушев и Јанакиески разговараат за тоа каде треба да бидат однесени лаптопи, пришто повторно се слуша дека се споменува лице со име Даниела, како и во вчерашните разговори.
„Таа Даниела и тој Ратко, жими се, слушај ми го зборот, нека помине денот, утре ќе ги убијам“, вели Јанушев во дел од разговорот.
Во вториот разговор станува збор за партиски списоци во кои се впишани вработени од Телеком. Според разговорот, тие се селектирани според склучените договори и треба да му се пратат на Жарко Луковски, поранешен извршен директор на компанијата.