Новиот сој на грип веќе зафати шест земји, се огласи и СЗО

Светската здравствена организација (СЗО) денес објави дека новиот сој на вирусот на грип врши сериозен притисок врз здравствените системи низ цела Европа, наведувајќи дека најмалку 27 од 38-те европски земји опфатени од СЗО пријавуваат висока активност на вирусот.
„Наглото зголемување на бројот на случаи на грип предизвикани од новиот доминантен сој на вирусот А(H3N2) се шири низ Европа, ставајќи ги здравствените системи во неколку земји под сериозен притисок“, соопшти СЗО, објави лондонски Гардијан.

СЗО соопшти дека шест земји, вклучувајќи ги Ирска, Србија, Словенија и Велика Британија, пријавиле висока или многу висока активност на вирусот на грип.
Од таму велат дека сезоната на грип оваа година започнала околу четири недели порано отколку во претходните години и ги повикува граѓаните да го ограничат ширењето на вирусот со вакцинирање, останување дома ако се чувствуваат лошо и носење маска на јавни места ако развијат симптоми на респираторна инфекција.
СЗО соопшти дека новиот сезонски грип сочинува до 90 проценти од сите потврдени случаи на грип во европскиот регион, но додаде дека нема докази дека овој сој предизвикува потешки форми на болеста.


„Грипот се јавува секоја зима, но оваа година е малку поинаква. Тоа покажува како само мала генетска варијација во вирусот на грип може да изврши огромен притисок врз нашите здравствени системи“, рече Ханс-Анри Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.
СЗО соопшти дека првичните податоци од Велика Британија потврдуваат дека вакцината против грип го намалува ризикот од инфекција со новиот сој А(H3N2) со тешки симптоми и иако можеби нема да спречи инфекција, вакцинацијата останува најважната превентивна мерка.
„Ова е особено важно за луѓето изложени на поголем ризик, вклучувајќи ги постарите лица, лицата со хронични здравствени проблеми, бремените жени и децата“, се вели во соопштението на СЗО и се нагласува дека здравствените работници се приоритетна група бидејќи со заштитата на сопственото здравје, тие го штитат и здравјето на пациентите. Клуге рече дека се очекува сезоната на грип оваа година да го достигне врвот кон крајот на декември оваа година или почетокот на јануари следната година, објави Б92.

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести