Сивилото, немоќта и агонијата пуштија длабоки корени во животите на граѓаните на Општина Валандово. Депресијата, стравот и безперспективноста само дополнително продолжуваат да ја нокаутираат младоста и живоста. Граѓаните на Општина Валандово ќе испратат уште една година без ниту една позитивна и прогресивна промена преку која би се подобрила нивната блгосостојба и квалитет на живот. Година во која разделбите и испраќањата со своите најмили повторно беа секојдневие, а радостите и успесите повторно беа непозната состојба за нив. Ламбите во Општината продолжуваат да светат, но за кого?!
Лицата тажно бледнеат и венеат, а деновите незапирливо се трошат исто како што се троши и жалната плата заработена во некоја конфекција. За миг. Близината помеѓу луѓето исчезнува, а другарството добива некоја нова димензија. Солидарноста и хуманоста се напуштаат, а себичноста и опортунизмот започнуваат наголемо да владеат. Ова е време на некои нови вредности и критериуми. Тотално непознати претходно, барем овде. Ова е време на стравови и неизвесност. Време на грижи и летаргичност.
Општина Валандово заедно со Владата на Република Македонија измината 2016-та година постави камен-темелник за отварање на рударски комплекс во Казандол. Граѓаните кои претежно работат и егзистираат од земјоделие ќе бидат изложени на опасност и ризик, како по однос на своето производство и приходи, така и по однос на своето здравје. Голема трагедија. Претседателот на Република Македонија кој е роден Валандовчанец гордо и егзалтирано уште во своето предизборно обраќање пред Валандовчани го најави отварањето на овој рударски комплекс и ископувањето на злато од Анска Река. Уште поголема трагедија е што локалната власт и советниците од редовите на владеачката партија со леснотија и без грам сомнеж му дадоа виза на рударскиот комплекс во најеколошката општина во државата. Во нивната Општина, а самите тие се лекари или земјоделци. На свеченото поставување на камен-темелникот гордо парадираа директори на општински училишта и на детски градинки небаре во Општината отворија врвен техничко-технолошки капацитет со висок акцелератор од кој вистинска благодет ќе имаат сите граѓани, а не коплекс од кој дополнително само може да назадува општинското население.
Општина Валандово во изминатата година 2016-та година за прв пат после триесет и една година остана и без најстариот фестивал на новокомпонирани народни песни во земјата “Фолк Фест Валандово”. Уште една трагедија. Сите оправдувања дека фестивалот се одложува поради забраната на ЗАМП паѓаат во вода. Фестивалот не се одржа единствено поради аматеризмот, непрофесионалноста и негрижата кон овој бренд, кој не само за Валандовчани, туку и за државата претставува и треба да претставува вистинска светост.
Локалната власт и администрација и понатаму продолжија да функционираат целосно нетранспарентно и далеку од очите на граѓаните, за коишто всушност постојат и треба да постојат. Во текот на целата измината 2016-та година немаше ниту една ТВ снимка или пренос од Седниците на Советот на Општина Валандово. Беа поднесени многу иницијативи за одржување на Седниците јавно и со присуство на граѓаните, и за нивно директно пренесување, но истите беа веднаш одбивани од страна на владеачката структура во Општината, а граѓаните останаа ускратени од можноста директно да одлучуваат по однос на најбитните прашања коишто директно ги засегаат.
Најголемите локални проблеми останаа нерешени. Проблемот со градските гробишта и понатаму претставува горлив и горчлив за секој еден Валандовчанец. Основните инфраструктурни прашања остануваат нерешени, а се започнаа неколку реконстукции на тротоари и на улици на коишто и врапчињата им фаќаат сеир поради начинот на којшто се изведуваат. Градскиот пазар времено се пресели во школски двор на основно училиште. Класичен нонсенс. Централното градско подрачје остана празно, без малите дуќанчиња и занаетчии. Нови продуктивни инвестиции нема. Населените места со турска националност останаа целосно заборавени, исто како и населените места од Бојмискиот крај. Граѓаните продолжуваат да пијат неквалитетна вода и немаат прочистителна станица, но досегашниот пратеник во Собранието на Република Македонија од Валандово гласаше против неколку клучни амандмани за подобрување на локалната инфраструктура и услови за живот.
Платите се мали и нема новоотворени работни места, а трошоците се големи и немилосрдно растат. Населението во најголема мера преживува, а не живее. Политиките превземени од локалните креатори само дополнително ги затвараат перспективите и го забрзуваат процесот на иселување. Валандово се празни. Граѓаните забрзано си заминуваат, а ретко се враќаат. Многумина си заминуваат, засекогаш! Џабе градот свети во новогодишно руво уште од ноември кога нема кој да се израдува на светулките. Џабе овде светат ламбите ваши, кога овде не светат децата и другарите наши!
Тажно и пополека ја испраќаме и оваа година, но со надеж дека наскоро ќе го вратиме животот и живоста во Општина Валандово!
Пишува: Перо Костадинов


