Почина Саша Поповиќ, директорот на „Гранд“

Директорот на „Гранд продукција“ Саша Поповиќ почина денеска на 69-годишна возраст по тешко боледување, соопшти „Гранд продукција“:

„Со неискажлива тага ја информираме јавноста дека денеска, по кратко и тешко боледување, почина Саша Поповиќ, основачот и креативен директор на Гранд продукција. Александар Саша Поповиќ е роден на 24 април 1954 година во Нови Сад. Низ децениската работа, тој беше визионер и посветен професионалец“.

„Преку музиката и телевизијата, тој откри и поддржа бројни таленти, обликувајќи го звукот и духот на една ера. Неговата енергија, посветеност и креативност ќе живеат засекогаш преку песните, уметниците, емисиите и сето она што тој го создал. Наследството што го остави зад себе е немерливо и го одбележа времето во кое живееше“, велат од Гранд продукција.

Саша Поповиќ беше семеен човек, сопруг и татко. Во бракот со Сузана ги одгледа Александра и Даниел.

Неговата харизма, неуморната работа и страста кон музиката и телевизијата ќе остават неизбришлива трага. Неговото наследство ќе живее преку сите оние кои имаа привилегија да работат со него и преку сите оние чии животи ги допре. Информациите за комеморацијата и погребот ќе бидат објавени подоцна“, се наведува на веб-страницата на Гранд продукција.

Српските медиуми пишуваа дека скоро цела година Поповиќ се борел со тешка болест. Неговото лекување им било доверено и на лекарите во Париз, каде што редовно одел на терапија, но неговата здравствена состојба се влошила последните месеци. Како што веќе објавија медиумите, Саша за тешката болест дознал случајно откако ја скршил ногата.

Бидејќи раната не зараснала по очекуваниот период, лекарите извршиле детални прегледи на целото тело на Поповиќ и за жал откриле дека неговата здравствена состојба не е добра. Иако третманот започнал веднаш, болеста напредувала. Колегите до последен момент се надевале дека ќе се врати во жирито на „Ѕвездите на Гранд“ и секојдневно му испраќале пораки за поддршка.

Саша починал опкружен со семејството кое цело време му било најголема поддршка.

Извор: Слободен печат

Најчитани вести