Русите се обидуваат да го убедат светoт дека Зеленски е нацист, истото му го правеле и на Тито

Една од најлудите конструкции на руската пропаганда е дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е (нео) нацист. Освен што има еврејско потекло, Зеленски во својата актерска и политичка кариера никогаш немал контакт со нацистичката идеологија, пишува „Телеграм.хр“.

Сепак, Русија инсистира на тоа дека преку инвазијата сака да ја „денацифицира“ Украина и да ги тргне од власт неонацистите и наркозависниците. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи објави соопштение во кое се прашува дали нацистите се уште се на власт во Германија, со оглед на тоа што планираат да ѝ помогнат на Украина предводена од нацистите.

Истиот „трик“
Пропагандата за нацистите против кои Русија се бори е очигледен обид да се поврзе актуелната агресорска инвазија со најголемата руска гордост во историјата, победата во Втората светска војна, која Русите ја нарекуваат Големата патриотска војна.

Владимир Путин во своите неодамнешни говори ја спомена Големата патриотска војна како еден од темелите на модерната руска држава и со таквата пропаганда за борбата против нацизмот се обидуваат да ја поврзат актуелната војна со најславниот момент на рускиот народ во поновата историја.

Интересно е што истата ваква пропагнада се користела и за време на Советскиот Сојуз, во конфликтите со Јосип Броз Тито кон крајот на 1940-тите. По разделбата со Сталин, советската пропаганда го прикажала како алчен и крвожеден нацист кој си ја продал душата на Запад.

Објавувани се илустрации на кои Тито има кукаст крст на појасот, а во касата собира монети кои најверојатно ги добил од западните земји за „предавството“ на Советскиот Сојуз. Во една карикатура, објавена по разделбата меѓу Тито-Сталин во 1948 година, југословенскиот претседател ја има крената десната рака, како да се поздравува со нацистички поздрав, додека во левата носи крвава секира.

Неприфатлива идеја
Во 1948 и 1949 година, советскиот печат објави карикатури затоа што не ја прифатија идејата за постоење на територија во Централна и Источна Европа, па дури и социјалистички систем, над кој немаат целосна контрола.

Затоа, Тито беше опсесивно прикажан како западен платеник, „фашистичко куче“ и нацист, што се истите термини што ги користат и денес за Володимир Зеленски. На тогашната пропаганда ѝ се придружи и источногерманскиот печат, исто така под советска контрола, кој го обвини Тито за „план“ со кој како американски платеник планира напад врз советските земји.

Нетрпеливоста траеше до смртта на Сталин во 1953 година, а односите беа обновени откако на чело на Советскиот Сојуз дојде Никита Хрушчов, кој ќе се откаже од Сталин во февруари 1956 година и ќе го обвини, меѓу другото, за влошување на односите со Југославија.

]]>

Најнови вести

Најново од Ракурс, Свет

Најчитани вести