Обвинителот од Врховниот суд на Грција Константинос Ѕавелас одлучи да не го отвори повторно случајот со телефонските прислушувања, откако пред два месеци судот во Атина, при прогласувањето на виновни на четворица бизнисмени побара и дополнителна истрага за можни други кривични дела, јави дописничката на МИА од Атина.
Ѕавелас, преку соопштение денеска информираше дека нема основа предметот да се извади од архивата на обвинителството при Врховниот суд, бидејќи не станува збор за нови докази доволни да го оправдаат повторното отворање на случајот, кој беше архивиран по истрагата што ја водеше поранешниот заменик-обвинител Ахилеас Зисис.
Тогаш, по прелиминарната истрага на Зисис, против четворица бизнисмени поврзани со компанијата Интелекса и шпионскиот софтвер Предатор беше покрената кривична постапка и на крајот на февруари годинава Едночлениот суд за прекршоци во Атина ги прогласени за виновни, на секој од нив му беше изречена вкупна казна затвор од 126 години и 8 месеци, ќе треба да издржат осумгодишна затворска казна, но со одложно дејство до втор степен.
Предметот се однесуваше на скандалот со прислушувањата во Грција од 2022 година, а виновни се основачот на компанијата Интелекса, израелецот Тал Дилиан, неговата бизнис партнерка Сара Александра Хаму, поранешен заменик-администратор и акционер во Интелекса Феликс Биѕиос и Јанис Лавранос чија компанија Крикел го купила шпионскиот софтвер Предатор.
Скандалот излезе на виделина на крајот на јули 2022 година, кога претседателот на ПАСОК Никос Андрулакис поднесе пријава до Врховниот суд на Грција за обид неговиот мобилен телефон да биде следен со софтверот Предатор, а десетина дена подоцна соопшти дека бил прислушуван и од Националната служба за разузнавање на Грција (ЕИП) за време на изборите за лидер на партијата (во 2021 година).
МИА


