„Тврдина 2“ – црни кеси, уништени документи, сменет исказ на обвинета

Во црни ќеси, со две комбиња службените документи на тајната полиција поврзани со нелегалното прилушување биле запалени во база на МВР близу скопското село Петровец. Двајца од сведоците, на денешното рочиште за случајот Тврдина 2, објаснија дека добиле наредба од екс директорот на во УБК, Горан Грујевски, дека одредени документи треба да се уништат и оти за тоа била формирана посебна комисија. Тврдеа дека ги запалиле списите без да знаат каква содржина имаат.

Сведок 1:
„Не се сеќавам кога ги запаливме документите. Знам дека беше многу топло. Ми текнува дека имаше канистер со вода и противпожарен апарат.“

Вториот сведок објасни дека по наредба на веќе избеганиот Никола Бошковски земал две возила и од кругот на централата на МВР, земал повеќе црни ќеси.

Сведок 2:
„Отидовме во Петровец, носевме и колешки, но не ми текнува кои од обвинетите. Просторот за палење на црните ќеси беше спремен. Беа присутни сите колешки и ги запаливме.“

Една од шестте обвиенти службенички во „Тврдина 2“ сведочеше во судот. Обвини дека била наместена. Била повикана да потпишпе документ без да ù кажат за што се работи. Од претпоставениот добила задача да ја пречека комисијата и да им свари кафе. Не знаела дека потпишува документ за уништување документи поврзани со скандалот со нелегалното прислушување.

Маја Камнаровска-Столевска, секретарка од тајната полициска база „Брест“, пред судскиот совет на скопска единица на големо чудење на нејзините колешки и нивните адвокати, го смени исказот кој претходно го дала како сведок во СЈО.

Откако пред судскиот совет на прашањето на нејзиниот адвокат одговори различно, менувајќи го исказот од тој што своевремено како сведок го дала во СЈО, бурно реагираше нејзината колешка Александра М., исто така обвинета во овој случај со зборовите „Не е така, лаже“, викна таа целата сцрвенета во образите. Нејзе мораше да стане и да ја смирува нејзиниот адвокат Љупчо Шврговски велејќи и „ти ќути си“.

Маја Камнаровска-Столевска е првата од шесте жени од УБК кои во својство на обвинети за случајот „Тврдина 2“ денеска дадоа исказ пред скопска единица за овој случај. Пред СЈО, Камнаровска-Столевска изјавила дека во црните ќеси кои од УБК биле донесени во нивната база „Брест“ за уништување имало патни налози, барања за боледување, разни службени хартии и во 2015 година му била секретарка на Ванчо Н., тогашен началник на базата.

– Бев известена дека ќе дојде Комисија од Скопје која ќе носи материјали за уништување. Тие беа во црни ќеси. Не знам што имаше внатре. Откако мина постапката, колешката Дијана ми рече да се потпишам на задната страна од записникот како лице кое присуствувало на уништувањето со тврдење дека тоа така било пракса и за другите секретарки. Јас се потпишав оти видов дека и другите две колешки секретарки истото го сториле – рече Камнаровска-Столевска.

После исказот на обвинетата Маја видно се возбудија адвокатите на шесте обвинети службенички на УБК, притоа инсистирајќи до судот да се изземе исказот кој денес го даде Маја Камнаровска-Столевска, притоа упатувајќи разни барања до судот од МВР и УБК да им се обезбедат докази.

Адвокатот Љупчо Шврговски побара исказот на обвинетата во СЈО, даден пред истражители да не се земе предвид, бидејќи, според Законот за кривична постапка единствен валиден исказ е оној кој што е даден на главната расправа. Пред сведокот Маја Камнаровска-Столевска, сведочеа тројца нејзини колеги, двајца кои ги донеле материјалите од Петтата управа на УБК до базата „Брест“. Тие според СЈО дале исказ ист каков што дале и во текот на истрагата.

Судот го прифати барањето на одбраната и донесе решение со кое се прифаќа приговорот на адвокатите на одбраната. До следното рочиште на 6 ноември, СЈО достави нови докази кои одбраната без да ги види побара веднаш да бидат отфрлени, бидејќи се од друг предмет и не се релевантни за ова судење. Нови докази понуди и тимот на одбраната – станува збор за класифицирани информации од УБК, за кои судот треба да побара декласификација.

Најнови вести

Најново од Ударни вести, Хроника

Најчитани вести