Грешката ја забележал локален историчар кој шетал и видел дека граничниот камен помеѓу двете земји е поместен за 2,29 метри.
Настанот, сепак, не предизвика меѓународен спор, туку насмевки на лицата на граѓаните и тоа од двете страни на границата, објави Би-Би-Си.
-Да ја зголемиш Белгија на сметка на Франција воопшто не е добра идеја – изјавил Давид Лаво, градоначалник во белгиското село Еркелин.
Тој додал дека вакви работи предизвикуваат проблеми дури и меѓу соседи земјопоседници, а камоли пак меѓу држави соседи. Сепак Лаво со насмевка на лицето изјавил дека лично нему не му пречи оваа „корекција“, но неговиот колега од другата страна на границата ќе се буни и тоа со право.
Локалните власти планираат да стапат во контакт со земјоделецот и да го замолат да го врати каменот на првичното место.
Доколку тоа не се случи, случајот може да заврши во белгиското Министерство за надворешни работи, кое ќе треба да ја свика француско-белгиската гранична комисија, чиј последен состанок се одржал во 1930 година.
Лаво напомена дека земјоделецот може да добие кривична пријава доколку не го исполни барањето.
Границата меѓу Франција и Белгија е долга 620 километри и е утврдена со договор од 1820 година, потпишан пет години откако Наполеон бил поразен кај Ватерло. Границата е обележана со камења што не се поместени оттогаш.
]]>


